Зајакнувањето на дигиталната писменост и свеста за сајбер безбедност кај младите е важен предизвик во денешното време на интензивна интернет комуникација. Во таа насока, тимот Cyber01 од СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ од Битола, под менторство на Душан, креираше иновативна едукативна видео игра „СајберХерој“.
Тие учествуваа и победија на хакатонот „Кликни Безбедно“, одржан на 10 и 11 мај во Скопје, во организација на проектот MKSafeNet.
Во ова интервју, Томе, Ангела, Христијан и Сара ни раскажуваат за нивниот проект, неговата функционалност и потенцијалот да влијае врз безбедноста на децата и младите при користење на интернетот.
Опишете го вашето решение – што точно изработивте и како функционира?
Изработивме едукативна видео игра СајберХерој, инспирирана од концептот на Дуолинго. Играта ги поставува децата во реални ситуации поврзани со сајбер безбедност (на пример, добивање непознати пораки, кликање на линкови и слично), при што тие треба да донесат безбедни одлуки. По секое ниво, следуваат квиз-прашања за проверка на знаењето.
Како гледате дека вашето решение може да влијае и да се користи во реален контекст или во поширока заедница?
Сметаме дека СајберХерој може да биде одлична алатка за едукација на деца и млади за сајбер безбедност на интерактивен и забавен начин. Со примена во училишта или во семејно опкружување, играта може да помогне во развивање на свесност и критичко размислување при користење на интернет.
Кои дополнителни функционалност/и или подобрување/ња би сакале да ги имплементирате во иднина?
Планираме да додадеме повеќе сценарија од секојдневниот интернет живот, персонализирани нивоа според возраста и систем за следење на напредокот на играчите, со цел уште поефективно учење.
Што би им препорачале на вашите врсници во вашето училиште за побезбедно користење на интернетот и социјални мрежи?
Би им препорачале да бидат внимателни со кого комуницираат онлајн, да не споделуваат лични информации и секогаш да проверуваат дали изворите и линковите се безбедни, особено кога нешто изгледа „предобро за да е вистинито“.
Да ги следиме препораките кои ги промовира MKSafeNet со цел да останеме безбедни во сајбер светот.
Дел од играта која од септември ќе биде достапна на ресурсната база на MKSafeNet.