Ружица Минова ја доби наградата ТИГРИТЕ, од Полската амбасада за најдобра магистерска работа на Архитектонскиот факултет во Скопје. Вели: Најважно е да уживаш во она што работиш и да го правиш со љубов. Истовремено потребни се многу труд, истрајност и посветеност”.

  1. Здраво Ружица. Претстави ни се во неколку реченици која си и што работиш

Јас сум Ружица Минова, имам 24 години. Неодамна ги завршив студиите по архитектура при Архитектонски факултет – Скопје. Вљубеник сум во природата, уменоста и архитектурата. Во текот на студирањето и по завршување на факултетот имам работено на неколку авторски проекти, од областа на домување, општествени објекти, простори за социјализација, архитектонски изложбени инсталации итн.

  1. Од каде се роди љубовта кон архитектурата?

Од кога паметам за себе, се сеќавам на малите, за мене “лепени картони” на татко ми, а за него макотрпни проекти кои бараат многу вложен труд, концентрација и работа, кои секогаш се остварувале како нечиј топол дом, исполнет со многу насмевки и задоволни лица. Токму тие мали, значајни парчиња од картон – архитектонски модели, во мене отсекогаш будеа желба да ги запознаам подобро, да им се приближам одблизу, за на крај, да се одлучам да ја прифатам оваа професија како мој животен предизвик.

  1. Колку е перспективна оваа професија во Македонија?

Живееме во време кога архитектурата во Македонија е во своевидна криза, заради актуелизација на стилови кои не се својствени за ова време. Во момент на ваква “архитектонска криза”, задачата за “борба” против оваа ситуација ни останува нам- архитектите. Наша задача е творејќи да ги задржеме вредностите на основните атрхитектонски принципи, норми и да создаваме современи дела. Токму поради ова, чувствувам должност да создавам архитектура во Македонија.

  1. Колку ИТ помага за успешно проектирање на проекти и совладување на нови знаења?

Развојот на технологијата многу придонесува кон олеснување на целокупниот процес при разработка на проектите, особено од аспект на брзина – предходно проектите се исцртувале рачно. Голем придонес кон успешноста имаат и приграмите за 3D визуелизација, чиј производ им го олеснува разбирањето на просторот на клиентите. Корисник сум на компјутерските програми за архитектура, сепак развојот на архитектонската идеја го правам преку скици и рачни цртежи кои во себе имаат дух и личен отпечаток.

  1. Кои типови објекти ти се најинтересни и зошто?

Во текот на студиите по архитектура, и по завршувањето, работејќи на неколку лични проекти, разработував различни типологии на објекти. Сите од нив предизвикуваат возбуда при истражувањето и проектирањето. Не би издвоила посебна типологија, но би ги издвоила оние кои ми претставуваат најголем предизвик, а тоа се објектите во природа. Истражувањето на односот архитектура – природа, претставува начин за хармонизирање на човековите траги врз природата. Односот се темели врз согледување на потеклото и генезата на архитектонскиот простор и воспоставување на целовитост помеѓу архитектурата и природата. Токму овој предизвик, за интегрирање на архитектурата и природата, беше причината за изборот на тема за магистерскиот труд -Архитектура на планина.

  1. Доби награда за најдобра МА теза на Архитектонски. Која е формулата за успех?

Минатата недела ја добив наградата “ТИГРИТЕ”, за најдобар магистерски труд на Архитектонски факултет – Скопје. Оваа награда се доделува во чест  на тројцата полски архитекти: Wacław Kłyszewski, Jerzy Mokrzyński и Eugeniusz Wierzbicki, познати како “Tygrysy / Tigrite / Tigers” – автори на зградата на Музејот на модерната уметност – Скопје (1966). Таа е плод на соработката помеѓу Амбасадата на Република Полска во Скопје, полското архитектонско списание „Архитектура – муратор“ и Архитектонскиот факултет при УКИМ. Мотото на наградата  за архитектура „TIGRITE / TYGRYSY“ гласи: за “Едноставност и логичност на концептот, дисциплинарност на композицијата, интеграција со околината, општествена полезност и скромност,којашто не е лишенa од емоционален белег “- Jerzy Mokrzyński, еден од Тигрите, за вредностите на добрата архитектура.

Најважно е да уживаш во она што работиш и да го правиш со љубов. Истовремено потребни се многу труд, истрајност и посветеност.

  1. Што имаш да им порачаш на студентите и читателите на Смартпортал?

Уживајте во секој миг од животот. Верувајте во себе, имајте јасна визија и цел. Притоа бидете позитивни и насмеани  :)

 

Претходна статијаSamsung го претстави изданието на Galaxy S9 и Galaxy S9+ во нијанса на Златно Изгрејсонце
Следна статијаInstagram ја претстави IGTV, нова апликација за гледање на видеа