gsmarena_001

Xiaomi веќе стана етаблиран бренд кај оние што редовно ги следат новите случувања во смартфон светот – нудат одлични спецификации, прецизна и квалитетна изработка, одлична поддршка со надградби и најважно од се, коректна цена. Новиот знаменосец на компанијата, Mi 5 доаѓа со најмоќните компоненти достапни во моментов и има цена на која може да позавидат и модели од средната класа.

Дизајнот однадвор има доживеано особено големи подобрувања. „Обичните“ модели ќе бидат изработени од стакло во задниот дел – исто како кај Samsung Galaxy моделите, но Pro моделот, кој ќе биде најмоќен во понудата, ќе има керамички заден дел (поточно “3D Ceramic”). Не сум толку стручен во материјали, но керамика на хартија звучи навистина примамливо, како за промена во однос на плејадата алуминиумски и стаклени смартфони денес.

gsmarena_004

Дисплејот има големина од 5,15 инчи во дијагонала и благодарение на малата рамка околу него и дебелината од само 7,25 милиметри, треба да е употреблив и за оние со помали раце. Резолуцијата е Full HD, односно 1920х1080 пиксели (428 пиксели по инч), што е помалку во однос на конкуренцијата во високата класа, но да бидеме реални, ретко кој ќе ја забележи разликата во вистинскиот свет. Згора на тоа, дисплеј со помалку пиксели троши и помалку ресурси, што значи дека батеријата ќе трае подолго со едно полнење, а и перформансите ќе бидат подобри.

Спомнав повеќе верзии погоре? Како и во многу други модели во својата понуда, Xiaomi ќе нуди три различни верзии, за различен тип на купувачи. Основниот модел ќе има 3 GB рам и 32 GB простор, средниот модел ќе има 64 GB простор, додека Pro моделот доаѓа со 4 GB рам меморија и огромни 128 GB простор за складирање податоци. Ако има еден недостаток тука, тоа е секако што нема слот за micro SD картичка, па купувачите дефинитивно треба добро да испланираат кој модел ќе ги задоволи нивните потреби за простор.

xiaomi_2016-Feb-24_1.0

Верзиите ќе се разликуваат и во процесорот. Сите ќе имаат Snapdragon 820, но во основната верзија помоќните две јадра ќе работат на 1,8 GHz, додека во двете поскапи верзии тие ќе работат на 2,15 GHz. Останатите две јадра во новиот чип на Qualcomm се наменети за оние задачи каде не треба голема моќ, односно се штедливи и работат на 1,6 GHz и кај двата модели. Независно за која верзија се работи, графиката е Adreno 530, што значи дека може да очекувате одлична графика во сите нови 3D игри.

Моќните внатрешни компоненти во Mi 5 се придружени и со одлични камери. Задната има сензор на Sony од 16 мегапиксели, f2.0 бленда, оптичка стабилизација и двоен блиц и според тоа би требало да понуди високо квалитетни фотографии во сите услови. Секако, задната камера може да снима и 4K Ultra HD видео, што е очекувано со оглед на моќниот процесор, а за разлика од некои од конкурентите, како iPhone 6S, не е испакната од телото. Предната камера пак има 4 мегапиксели со f2.0 бленда – веројатно доволно за да ги задоволи и селфи фановите.

xiaomi_2016-Feb-24_2.0

Како и сите нови Android телефони и Mi 5 има читач за отпечатоци на прстите, вграден во хардверското копче напред. Xiaomi има вградено и NFC за лесно поврзување со други уреди, додека вградениот 4G модем поддржува брзини од 600 Mbps при симнување на податоци.

Сите погоре споменати компоненти ќе добиваат енергија од батерија со капацитет од 3.000 mAh. Благодарение на Snapdragon 820 процесорот и USB Type-C приклучокот, Mi 5 поддржува и Qualcomm 3.0 QuickCharge брзо полнење – до 83% за 30 минути.

Xiaomi Mi 5 ќе доаѓа со најновиот Android Marshmallow 6.0 оперативен систем, со MIUI 7.0 корисничкиот интерфејс. Цените во Кина почнуваат од 310 долари за основниот модел со 3 GB рам и 32 GB простор, 350 долари за моделот со 64 GB простор, до 410 долари за Pro моделот со 4 GB рам и 128 GB простор. Достапни ќе бидат четири бои – црна, бела, златна и „керамика“.

xiaomi_2016-Feb-24.0

Сеуште немаме информации колку денари ќе чини кога ќе пристигне кај нас, но сигурно ќе биде многу поевтин во однос на конкурентите од високата класа (лична претпоставка е дека ќе почнува од околу 20.000 денари).

Извор: The Verge, Venture Beat, Engadget, GSMArena

Претходна статијаOppo најави технологија со која полнењето на мобилните би траело 15 минути
Следна статијаFacebook Reactions од денеска официјално достапни за сите корисници