Иако не целосно чист, угледот на Mozilla отсекогаш бил на страната на заштитата на приватноста на корисниците. Тоа е и главната цел која ја имаат од организацијата која стои зад Firefox прелистувачот кој за жал веќе го нема пазарниот удел кој едно време го имаше.
Затоа чудно доаѓа информацијата дека Mozilla се „обвинети“ баш за непочитување на приватноста на корисниците. Австриската организацијата за заштита на правата за приватност „noyb – none of your business“, поднесе жалба до регулаторното тело во земјата против Mozilla со тврдење дека од организацијата го прекршуваат познатиот GDPR европски закон.
Работите да бидат уште почудни, обвинувањето доаѓа за нов систем за мерење на ефикасноста на рекламите кој е сличен со Privacy Sandbox од Google. Овој систем од Google требаше да стави крај на „колачињата од трети страни“, но Google го откажа процесот.
Сепак, сличноста мора да се истакне дека е преувеличена. Единствена карактеристика која е иста е фактот што прелистувачот е тој кој го прави следењето и мерењето на рекламите, наместо тоа да го прават веб страните за секој корисник директно и посебно.
Од noyb признаваат дека новиот систем од Mozilla наречен Privacy Preserving Attribution е подобар и повеќе приватен до сегашниот систем со „колачиња“, па може да се каже дека главниот проблем од организацијата го гледаат во фактот што Mozilla ги нема информирано корисниците.
Системот наводно е автоматски вклучен, но во мојот случај тоа не е така, а и од Mozilla истакнуваат дека тие во оваа фаза само го тестираат и тоа само со нивните веб страни.
„Денес, noyb поднесе жалба против Mozilla за тивко овозможување на наводната „функција за приватност“ (наречена Privacy Preserving Attribution) во својот прелистувач Firefox. Спротивно на нејзиното смирувачко име, оваа технологија му овозможува на Firefox да го следи однесувањето на корисниците на веб страните. Во суштина, прелистувачот сега го контролира следењето, наместо поединечните веб страници. Иако ова може да биде подобрување во споредба со уште поинвазивно следење со колачиња, компанијата никогаш не ги прашала своите корисници дали сакаат да го овозможат тоа. Наместо тоа, Mozilla одлучи да го вклучи стандардно откако луѓето ќе го инсталираат неодамнешно ажурирање на софтверот. Ова е особено загрижувачко бидејќи Mozilla генерално има репутација дека е алтернатива поволна за приватност кога повеќето други прелистувачи се базирани на Chromium на Google.“ – истакнуваат од noyb.
Од Mozilla веќе ја промовираат новата Privacy Preserving Attribution, а од објавата се гледа дека дел од грижите на noyb се разбирливи, но исто така добро се гледа дека споредбите со Google не се оправдани.
Овој нов систем во основа функционира на начин кој на веб страните им испраќа извештај за тоа колку често нивните реклами се погледнати и дали корисниците имаат купено нешто, на пример, после отворање на рекламата.
Сето ова се прави со шифрирање на податоците, рандомизирање на податоците, криење на IP адресата и слично, а во соработка со сервиси како Divvi Up кој доаѓа од организацијата ISRG која стои зад развојот на Let’s Enrcypt.
На крајот, не може да се донесе едноставен заклучок на оваа тема. Од Mozilla реално требале да бидат повеќе отворени за PPA системот, посебно кога ќе се земе во предвид колку тие цело време ги промовираат отворените принципи и приватноста на корисниците.
Од друга страна, добро е што од организацијата работат на систем кој ќе го задржи рекламирањето на веб страните, затоа што без тоа, скоро и нема да има бесплатна содржина, а повеќето мали страни ќе затворат.