Како што се очекуваше по објавувањето на најавата за денешниот настан, Xiaomi го претстави својот прв смартфон со предна, односно селфи камера под екранот. Тоа значи дека Mix 4, како што е наречен телефонот, ја задржува традицијата на Mi Mix серијата и на предната страна има само многу мали рамки, без никакви исечоци или дупки за камера.

Од Xiaomi технологијата за камерата ја нарекуваат CUP – Camera Under Panel и ова е веќе третата нејзина генерација која се развива со години. Минатата година, кога беше најавена оваа генерација од технологијата, од компанијата најавија дека телефон со истата може да се очекува во 2021, па така и испадна.

CUP технологијата се развива пет години, истакнуваат од Xiaomi, три генерации, како и 60 патенти и 77 милиони долари во инвестиции и стотици инженери.

Главниот напредок и причината да се чекаат неколку генерации од технологијата е можноста да над камерата екранот на го изгуби квалитетот, односно да ги задржи пикселите на инч како остатокот од екранот. Во случајот на Mix 4 тоа се 400ppi.

Исто така, развојот на технологијата овозможува да доволно светлина помине до сензорот на камерата за да може да се каже дека квалитетот на сликата е доволно добар и да повеќето не можат да забележат одредени потенцијални недостатоци.

Камерата поставена под екранот е со 20 мегапиксели, па чекаме да видиме што ќе покажат тестирањата за нејзиниот квалитет.

Големината на екранот на Mix 4 е 6,67 инчи и е направен во AMOLED технологија, со мала заобленост од страните, нешто што поретко го гледаме кај конкурентите изминатите година до две.

Стапката на освежување на екранот е 120 херци, што значи дека може да се очекува одлична брзина на анимациите, односно промените на екранот, што покрај за игри е одлично при разгледување на друштвените мрежи, менијата и слично.

Mix 4 е и првиот телефон кој работи на надградената верзија од моментално најдобриот чип од Qualcomm, Snapdragon 888+. Оваа верзија од чипот работи до 3GHz, за разлика од претходниот модел кој работи до 2,84GHz.

Корисниците ќе можат да изберат и помеѓу 8 или 12GB RAM, како и помеѓу 128, 256 и 512GB простор за податоците.

На задната страна, која е изработена од ќерамика, поставени се три камери и тоа 108 мегапиксели главна камера, 13 мегапиксели камера со ултра широк агол на сликање и 8 мегапиксели камера со 5 пати оптичко зумирање.

Батеријата на Mix 4 е со капацитет од 4.500 mAh и може да се полни со огромни 120W жичано, односно 50W безжично. Според Xiaomi, батеријата ќе се наполни до 100% за само 21 минута или за 45 доколку се користи безжичен полнач.

ИЗВОРXiaomi
Претходна статијаFacebook наводно работи на начин за анализирање на шифрираните податоци без да бидат дешифрирани
Следна статијаДостапен Firefox 91 со подобрувања кај приватноста на корисниците
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.