Xiaomi денес ја претстави нивната Xiaomi 14 серија која е составена од два модели, Xiaomi 14 и Xiaomi 14 Pro. Телефоните од оваа серија се и првите кои работат на новиот Snapdragon 8 Gen 3, а од тоа што можевме да го видиме на претставувањето на чипот, корисниците можат да очекуваат доста добри перформанси.
Xiaomi 14 телефоните имаат уште една новина која е првпат воведена кај нив, а тоа е новиот оперативен систем од компанијата наречен HyperOS, кој беше најавен неодамна.
Од ова се гледа дека Xiaomi 14 серијата е посебна серија, односно корисниците кои ќе се одлучат за овие телефони, ќе имаат доволно за „чепкање“ и тестирање.
Двата телефони доаѓаат со LPTO OLED екрани со стапка на освежување од 1 до 120 херци. Екранот кај Xiaomi 14 е со големина од 6,4 инчи и резолуција од 2670 на 1200 пиксели, додека кај Xiaomi 14 Pro тој е со 6,7 инчи и резолуција од 3200 на 1440 пиксели.
Xiaomi 14 Pro доаѓа со екран кој е заоблен на сите страни, со што треба да се добие впечатокот дека истиот нема рамки. Рамките кај основниот модел исто така се направени доста тенки, па и двата уреди имаат доста модерен дизајн.
Кај двата модели посебно се истакнува можноста за осветлување на екранот до 3000 „nits“, нешто што треба да овозможи доста лесно користење на уредите дури и на директно сонце.
Xiaomi посебно ја истакнува работата на камерите, заедно со нивниот Light Fusion 900 сензор за слики. Можноста за „собирање“ на светлината кај телефоните е доста голема, а од компанијата истакнуваат дека Xiaomi 14 има подобрување од 180% во споредба со Xiaomi 13.
Стандардно за кинеските производители, Xiaomi 14 серијата доаѓа со брз полнач со 90 вати, односно 120 вати кај Pro моделот. Батериите се со капацитет од 4610, односно 4880 mAh, а со брзите полначи корисниците веќе нема зошто да мислат на својата батерија која секогаш ќе биде доволно надополнета за времето потребно да се подготват пред да излезат.
За заштита на батериите тука е Xiaomi Surge технологијата, па векот и функционирањето на истите не треба да биде доведен во прашање.