Идната година се очекува нова верзија од Windows, па гласините досега одеа во правец на тоа дека може да го очекуваме Windows 12. Тоа е поради враќањето на тригодишниот циклус од страна на Microsoft по менувањето на стратегијата Windows 10 да биде последниот Windows.
Сепак, според информациите кои ги објавуваат од Windows Central, не е сигурно дали Windows 12 ќе биде името кое ќе се користи идната година, а како главна причина се истакнува „фрагментираноста“, односно се’ уште големиот број на корисници на Windows 10, па тука сигурно не фали уште една верзија од системот.
Тоа што е сигурно, за кое пишуваат од Windows Central, а досега повеќе пати можевме да го прочитаме, е главниот акцент на надградбата идната година, вештачката интелигенција.
Тоа што оваа година започна со Copilot, идната година треба да биде однесено на наредно ниво. Покрај понапредната верзија од Copilot, тоа што се очекува идната година е интеграција на вештачката интелигенција во „Windows Shell“, со што во основа целиот систем може да се каже дека ќе биде базиран на ВИ.
Од Windows Central истакнуваат и уште неколку новини кои се очекуваат, како што е историјата на користење на апликациите и веб страните од страна на Copilot, подобрување кај пребарувањата и можноста да се постави прашање во стилот на „најди ми го документот кој Драган ми го прати на WhatsApp пред неколку денови“.
Од порталот најавуваат и нова функција Super Resolution која ќе ја подобрува резолуцијата кај видеата и игрите, а тука е и новата можност за генерирање на позадини од страна на вештачката интелигенција.
Промени во пуштањето на надградбите
Од Windows Central навлегуваат и во начинот на пуштање на надградбите сега кога на чело на развојот на е познатиот и секогаш интересен Панос Панај. Под новото водство, од компанијата наводно се враќаат на претходното темпо на пуштање само поголеми надградби еднаш годишно. Пуштањето на помали надградби во текот на годината е нешто што нема да се прави или многу поретко.
Овие промени може да се очекуваат од идната година кога ќе биде пуштена поголемата надградба која сега се нарекува „Hudson Valley“. Истата е направена на нова платформа која се нарекува Germanium, а интересно, тие најавуваат дека оваа платформа ќе им биде пуштена на производителите пред пуштањето на поголемата надградба идната есен.
Причината за тоа е потребата од оваа платформа за новите ARM чипови, каков што е Snapdragon X Elite чипот кој се очекува конечно да донесе Windows конкуренција на М чиповите од Apple и нивните Mac компјутери.
Повеќе информации за што ќе се случува идната година може да очекува некаде од пролет, кога ќе почне да се ближи времето на тест верзиите од наредната верзија од Windows.