Фото: Qualcomm

По најавата пред скоро две недели, оваа недела во рамките на Snapdragon Summit, Qualcomm официјално го претстави првиот чип од Snapdragon X серијата.

Snapdragon X Elite е чипот кој конечно ќе треба да донесе конкуренција на M серијата на чипови од Apple, кои до крајот на месецот треба да ја видат и својата трета верзија.

Поради одличните перформанси, а доста помала потрошувачка, Apple направи огромен успех на пазарот од претставувањето на првиот MacBook Air кој работи на М1 чипот пред две години. Од тогаш Windows започна да губи дел од своите корисници, а од идната година може да се очекува потребата за тоа да биде тргната.

Snapdragon X Elite посебно се промовира за своите способности со генеративната вештачка интелигенција и големите јазични модели. Ова е нешто што веќе година дена е доста популарно, а како што е познато Microsoft ја интегрира оваа технологија во Windows 11, како и во повеќето нивни апликации и сервиси. За идната година овој тренд се очекува дополнително да биде зголемен.

Новиот чип од Qualcomm е направен на 4nm архитектура и во него го има резултатот од купувањето на компанијата Nuvia, Oryon процесорот. Овој процесор е развиен од страна на основачите на Nuvia, кои се поранешно вработени во Apple, па јасно е зошто се големи очекувањата.

Oryon е направен очекувано на 64 битна архитектура и има 12 јадра кои можат да работат до 3,8 GHz. Тоа што посебно се истакнува е можноста за „boost“ на едно или две јадра до 4,3 GHz.

На ова треба да се додаде веќе докажаниот графички процесор, Adreno, заедно со Hexagon NPU процесорот за машинско учење.

Snapdragon X Elite поддржува до 64GB LDDR5x RAM, па веќе гледаме дека на „хартија“ овој чип дефинитивно ќе биде сериозна конкуренција на M1 и M2, а ќе видиме до крајот на месецот што Apple ќе направи со очекуваното претставување на M3.

Qualcomm најавува дека првите Windows уреди кои ќе работат на Snapdragon X Elite може да се очекуваат до половината на идната година, па ќе видиме дали производителите ќе се покажат и со остатокот од дизајнот на тие уреди.

ИЗВОРQualcomm
Претходна статијаInstagram доби поддршка за промена на иконата во боите од позадината
Следна статијаQualcomm го претстави Snapdragon 8 Gen 3 со посебен акцент на генеративната вештачка интелигенција
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.