Повеќе пати изминатите година дена можевме да прочитаме за Windows 12, односно за враќање на стариот тригодишен циклус на претставување нови верзии од Windows од страна на Microsoft.
Сега дури имаме и конкретен месец кога може да се очекува претставувањето на овој систем, а наводно тоа ќе биде во јуни идната година.
Тригодишниот циклус требаше да заврши со Windows 10, кој беше наречен последниот Windows и навистина „издржа“ повеќе од три години. Сепак со претставувањето на Windows 11 во 2021 стана јасно дека Microsoft ги има променето плановите.
Информацијата за Windows 12 во јуни 2024 доаѓа од кинескиот The Commercial Times кои се повикуваат на изјави од Бери Лем, основачи и претседавач со одборот на Quanta, како и Џејсон Чен, претседавач со одборот и главен директор на Acer.
Тие директно не го споменуваат Windows 12, но The Commercial Times сепак така ги интерпретираат изјавите за „AI PC“, односно компјутер со вештачка интелигенција.
Веќе е јасно дека главниот акцент на Windows идната година, без разлика како ќе биде наречен, ќе биде вештачката интелигенција. Оваа година тоа е започнато со интеграцијата на Copilot, кој ќе биде додаден и во Windows 10, но идната година се очекуваат многу повеќе функции од вештачката интелигенција.
Дополнително се очекува и вградување на повеќе чипови кои ќе овозможат функционирање на ВИ локално на самиот уред, со што ќе се намали потребата од функционирање преку серверите на Microsoft.
Колку и да биде вештачката интелигенција главна идната година, сепак од Windows 12 се очекуваат и дополнителни новини, а најмногу се очекува освежен изглед, посебно на долната лента.