Почнувајќи од вчера, односно 16ти ноември, Microsoft официјално почна да ја пушта финалната верзија од Windows 10 November 2021 Update, најновата верзија од Windows 10. Наредната надградба за Windows 10 ќе биде идната есен, односно овој систем се префрла на едногодишни надградби, исто како Windows 11.

Како што е случајот веќе неколку години, а посебно сега со пуштањето на понова верзија од Windows, најновата надградба на Windows 10 е мала надградба и се инсталира како и кумулативните месечни безбедносни надградби. Тоа значи дека инсталацијата е побрза и не бара подолг период на инсталација при рестартирање на компјутерот.

Како помала надградба, Windows 10 November 2021, не донесува некои посебни нови функции, па тие во главно се насочени кон новини кои ќе им користат на бизнисите и се поврзани со безбедноста, работата со виртуелни машини и слично.

Сепак, не директно поврзано со оваа верзија, корисниците на Windows 10 од оваа недела почнаа да ја добиваат новата верзија од Microsoft Store која беше пуштена со Windows 11, па може да се каже дека оваа новина е многу поголема и поважна.

Пуштањето на Windows 10 November 2021 надградбата ќе оди постепено, како што е практиката на Microsoft изминатите години. Тоа значи дека истата нема на сите да им биде пуштена уште од првиот ден, а тоа ќе се случи во неделите што следат.

Корисниците кои сакаат веднаш да ја добијат, можат да го забрзаат процесот со проверка за нови верзии во Windows Update, но доколку и тогаш не им биде понудена, ќе мора да почекаат уште некоја недела.

При проверката за нова верзија, на компатибилните компјутери ќе им биде понудена инсталација и на Windows 11, но тоа тие не мора да го направат доколку не сакаат.

ИЗВОРMicrosoft
ИЗВОР 2Windows Central
Претходна статијаНовата Microsoft Store почна да им станува достапна на корисниците на Windows 10
Следна статијаMicrosoft претстави нова Media Player апликација за Windows 11
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.