Фото: Neuralink

Neuralink, уште една од неколкуте компании на Елон Маск, е компанија која работи на развој на технологија која ќе им овозможи на парализираните луѓе повторно да можат да прават одредени активности. Тоа им се овозможува преку технологија која се вградува во мозокот и на луѓето со тоа им се овозможува да се поврзат и да контролираат компјутер со нивниот ум, кратко кажано. 

Развојот на технологијата на Neuralink е стигната до степен кога веќе може да се тестира на луѓе, па во февруари оваа година го видовме и првото вградување на чип кај човек, односно првиот учесник во PRIME студијата од компанијата. 

Минатиот месец студијата го доби и својот втор учесник за кого се пишува само со името Алекс. Алекс е парализиран по повреда на рбетниот мозок, по што останува без можност за движење на рацете и нозете. 

Пред повредата тој има работено како техничко лице во автомобилската индустрија, каде има поправано разни видови на автомобили и машинерија. 

Второто вградување на технологијата од Neuralink ги исправа некои од проблемите кои се имаат јавено првиот пат, за што е и намената на оваа студија пред технологијата во иднина да почне да се користи помасовно. 

Од компанијата истакнуваат дека по успешната операција, Алекс се поврзува на неговиот компјутер и после само 5 минути успева да го контролира курсорот со неговиот ум со апликација која е наменета за тестирање на контролата. 

По само неколку часа тој веќе има подобра брзина и прецизност при контролата од било која друга од технологиите кои се користат во денешно време, кои секако не вклучуваат вграден чип во мозокот. 

Една од големите предности кои ги доби Алекс со Neuralink чипот е можноста за користење на Fusion 360 апликацијата која се користи за CAD, односно за креирање на дизајни. 

Тој дури дизајнира посебен држач за полначот за неговиот Neuralink, кој потоа бил испечатен преку 3Д печатач и Алекс веќе го користи. 

Втората работа преку која се гледа големата предност на Neuralink е можноста за играње на игри, конкретно во случајот на Алекс Counter Strike 2. Тој досега морал да користи посебен „џојстик“ кој се контролира со устата, но не овозможува во исто време да се движи во играта и да нишани. 

Со можноста да го користи неговиот ум за контрола на играта, во комбинација со џојстикот, Алекс сега може најнормално да ја игра играта, а во видеото во продолжение може да се види и како сето тоа изгледа. 

ИЗВОРTechSpot
ИЗВОР 2Neuralink
Претходна статијаПатувачката гајба на Скопско пропатува низ градовите во земјава, со најава за големата роденденска забава во Скопје
Следна статијаФУДШ и ФИШ одржаа инфоден за заинтересираните студенти
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.