Една година по првичната најава, Елон Маск излезе на сцената и ја презентира втората верзија од технологијата на компанијата Neuralink. Оваа верзија треба да е скоро спремна за првите тестови на луѓе, нешто што треба да биде одобрено и да се започне можеби и оваа година.

Neuralink во основа развива технологија која овозможува поврзување на мозокот со компјутер, а можностите од тоа потоа се многу. Поврзувањето се прави со вградување на околу 1.000 екстра тенки електроди во мозокот, потенки и од влакно, кои потоа се поврзани со уред кој мора да се вгради во черепот.

Од компанијата ја развиваат и машината со која ќе се прави операцијата на вградување, а истата трае нешто помалку од еден час.

За разлика од ланската презентација каде уредот кој треба да комуницира со компјутер, се вградуваше зад увото, новата верзија се сместува над влезот за електродите. Овој уред може да комуницира со компјутер до 10 метри, односно ја користи Bluetooth технологијата, но се бара друго решение поради можност за поврзување со повеќе уреди, на поголемо растојание и слично.

За време на презентацијата, Елон Маск технологијата ја прикажа вградена во свињи, односно прикажа дека технологијата може успешно да функционира, но и да биде отстранета.

По поврзувањето со компјутер, уредот може да прикажува информации кои потоа можат да помогнат за „исправка“ на одредени проблеми, а тоа треба да резултира со помош за луѓе кои немаат подвижност, но и други проблеми кои се директно поврзани со мозокот.

Маск го нарече овој уред „Fitbit за нашиот череп“, поради можноста да се предвидат одредени потенцијални проблеми преку анализа на информациите кои се добиваат. Овој уред може да открие на време мозочен удар, срцев удар и слични работи.

За иднина се најавуваат и многу понапредни примени на оваа технологија кои одат до таму да може да се комуницира со други луѓе без зборови, прикачување на мислите, па дури и прикачување на свеста во машина, нешто што сега за сега звучи невозможно.

Една од поголемите примени на технологијата од Neuralink е замислена да и конкурира на вештачката интелигенција. Често може да се прочитаат предвидувања за што ќе се случи кога ВИ доволно ќе напредне, па има и дискусии за која е можноста истата да стане свесна.

Neuralink треба да овозможи „засилување“ на човекот што ќе му овозможи шанса да опстане во време кога вештачката интелигенција ќе биде многу помасовно достапна.

Целата презентација можете да ја погледнете на видеото во продолжение.

ИЗВОРEngadget
ИЗВОР 2Cnet
Претходна статијаSeavus Акцелератор со нов повик за поддршка на стартап бизниси
Следна статијаZTE го претстави најавуваниот телефон со „селфи“ камера под екранот, првиот ваков во светот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.