Цртеж на уметник на неговата замисла за живот на некоја друга планета
Цртеж на уметник на неговата замисла за живот на некоја друга планета
Цртеж на уметник на неговата замисла за живот на некоја друга планета

Не е толку лесно да се избегне прашањето: дали постои вонземски свесен живот? Секој кој погледнал во чисто вечерно небо наполнето со ѕвезди сигурно барем еднаш во животот си го поставил ова прашање, а можеби и се заинтересирал да отиде и да види како е таму и што се` можеби постои.

Сепак, за жал, се` уште немаме дефинитивен одговор на ова прашање. Досега имаме неколку индикации дека таквиот живот е можен, како што се наоѓањето на органски молекули, па и бактерии на некои комети, скенирањето на вселената кое открива дека постојат милиони планети кои би можеле да имаат услови погодни за живот базиран на јаглерод, како нашиот и така натаму.

Практично, според равенката на Дрејк, која ја има поставено Френк Дрејк во 1961 година, шансите да постои вонземски живот се доволно големи за да не бидат игнорирани. Но од друга страна се поставува Фермиевиот парадокс кој кажува дека ако навистина се толку големи шансите да постои вонземски живот, каде е и зошто не сме посведочиле за него?! Секако дека една напредна вселенска раса би имала средства и можности да патува со огромна брзина и да стигне до нас или да предизвика огромни промени на некои сончеви или галактички системи во Универзумот?

Но од друга страна се поставува прашањето дали истата би сакала тоа да го постигне и да комуницира со нас, а можеби ние не ни можеме да разбереме дали истото се случува во овој момент со оглед на тоа дека светлината од ѕвездите кои ние ја примаме на Земјата е стара минимум 4 години (Алфа Кентаури), а во просек милиони години и досега некои галактички цивилизации можеби веќе се родиле, се развиле, станале космички релевантни, можеби дошле во конфликт со други и можеби згаснале, без притоа ние да имаме воопшто било каква информација за истото.

Од друга страна можно е животот во вселената воопшто да не е базиран на јаглеродни соединенија или пак можно е целиот Универзум да е еден огромен „мозок“ од кој ние претставуваме еден минијатурен, (засега) сосема безначаен дел од неговите „неврони“.

Според пресметките од новите податоци од леталото Кеплер од страна на астробиологот Амри Вендел, има потенцијално милиони планети кои би можеле да поддржат живот налик нашиот. Во самиот труд напишан од Вендел е вметнато дека:

„Податоците кои се сега акумулирани од Кеплер мисијата демонстрираа дека малите планети се доста чести и дека значаен дел од сите ѕвезди може да имаат планета налик на Земјата во нивната Зона за населување. … Ако Fb (веројатноста за еволуција на биолошки живот; заб.) е во рангот од 0,001 – 1 тогаш биотичка планета (на која се развил живот; заб.) може да се очекува на далечина од 10 – 100 светлосни години од Земјата“.

 

Сепак постои разлика меѓу можноста да постои таков живот и тоа дали навистина постои. Ние се` уште немаме никаква информација да го потврдиме вонземскиот свесен и интелигентен живот. Според некои претпоставки, ваквото утврдување може да биде многу проблематично особено поради фактот што уште долго време нема да бидеме во способност да пропатуваме физички (макар и преку сонда) до другите ѕвездени системи.

Тоа значи дека останува да ги следиме електромагнетните зрачења кои можеби некоја вселенска цивилизација би ги испраќала од својата планета. Проблемот во таквото очекување е дека човештвото во рок од 50 години го има доживеано врвот на електромагнетни зрачења и се очекува за уште толку време истите да се намалат до толку што нема да бидат приметливи во вселената, бидејќи се очекува да се префрлиме на кабелска и светлинска технологија.

Друг проблем е што самите електромагнетни зрачења патуваат со брзината на светлината, што значи дека првите кои ги имаме испуштено до денес имаат поминато само 50 светлосни години, а ако некоја друга цивилизација дури сега ги испушта своите зрачења на истата далечина значи дека ќе ни требаат уште 50 години да ги примиме. Исто така, јачината на електромагнетните бранови се намалува квадратно со далечината помината што може да ги направи ништожни на тие далечини.

Сите овие фактори предизвикуваат шансите да се оствари добра комуникација со некој друг вид, дури и да постои, како ништожни, секако во случај ако во меѓувреме не откриеме понапредна технологија која ќе ни овозможи испраќање на информација со брзина поголема од брзината на светлината и да другата раса успее истата да ја прими и разбере.

Извор: Engadget

Претходна статијаИграјте додека чекате семафорот за пешаци да се вклучи на зелено
Следна статијаUber: Иднината на такси-услугите