Hyperloop концептот кој беше замислен и развиен од страна на Елон Маск, се чини дека навистина ќе го видиме во комерцијална употреба и тоа интересно, од страна на компанија на Ричард Брансон познат по својата Virgin Group.

Реализацијата на идејата од Маск ја започна компанијата Hyperloop One која на крај беше купена од страна на Virgin Group, па сега истата се вика Virgin Hyperloop.

Компанијата под новото сопствеништво активно продолжува со развојот на, како што тие го нарекуваат, првиот нов вид на транспорт после цел век.

За потсетување, овој вид на транспорт вклучува еден вид на „туби“, односно тунели кои може да бидат поставени било каде, под земја или над, во кои е извлечен воздухот со што се добива вакуум. Ваквата состојба го трга воздухот кој прави триење и со тоа се добива можност за многу полесно движење со големи брзини кои теоретски се најавуваат на над 1.000 километри на час.

Возилото кое треба да се движи внатре во тунелите е замислено и во тест фазата работи на „maglev“ технологијата, со што го нема ни триењето кое би го имало во случај на движење по шини или слично.

На својата тест локација во близина на Лас Вегас, Невада, наречена DevLoop, еден од основачите на Virgin Hyperloop и главен технички директор, Џош Гигел, како и директорката за патничко искуство, Сара Лучиан, беа дел од првиот тест кој вклучува патници.

Тие се возеа во ново развиеното возило наречено XP-2 кое има само две места, што значи дека е замислено за тест возења, а доколку некогаш се комерцијализира оваа идеја, возилата ќе имаат место за повеќе патници, односно се најавува бројка од 28.

Тест тунелот е со должина од само 500 метри, поради што и брзината која била достигната е прилично мала, односно 160 километри на час, додека досегашните тестови без патници успешно имаат стигнато до брзина од скоро 390 километри на час.

Иако овој концепт на транспорт изгледа привлечно, патувањето на Земјата ќе се одвива со брзини како патувањето со авион, сепак уште не е јасно дали ќе се пробие како исплатлив и популарен начин на транспорт на патници и товар.

Тука се голем број на фактори кои ќе треба да се тестираат и да се покажат дали се погодни, како што е исплатливоста, а уште поважно безбедноста на патниците кои би требало да се движат со повеќе стотици километри на час во мал тунел и возило.

ИЗВОРEngadget
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаФИТР: Нови 4 алатки за дигитализација на општините – поефикасен и поотворен јавен сектор
Следна статијаКорисниците на постари Android уреди ќе имаат проблем со отворањето на голем број на веб страни од идната година
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.