Бројот на интернет корисници во светот се повеќе се зголемува, а уште повеќе се зголемува и брзината на пристап која што тие ја добиваат од своите оператори. Заедно со зголемувањето на брзината на пристап, се зголемува и содржината до која што корисниците пристапуваат преку интернет, а посебно може да се истакне видео содржината.
Иако сите мислиме дека оптичките кабли поддржуваат толку големи брзини на трансфер на податоци, па се што треба е да се постават доволно од нив, но сепак брзината која што тие можат да ја постигнат не е нешто што е достапно во неограничени бројки. Со зголемувањето на интернет содржината, брзината на пристап и бројот на корисниците, се повеќе се зголемува предизвикот на опслужување на сите овие страни без прекини или било какви други проблеми. Можеби се’ уште не сме дојдени до максимумот, но според одредени истражувања, тоа може да се случи во годините што следат.
Сепак, со нивото на развој на технологијата, реално би било да очекуваме дека нешто навремено ќе биде развиено за да биде решен проблем од ваков вид. Токму за такво решение работат истражувачите од Холандија и САД, поточно од Eindhoven University of Technology и University of Central Florida.
Тие имаат постигнато пренос на податоци преку едно оптичко влакно на растојание од 1 километар со брзина од 255Tbps. Тоа е 255 терабити во секунда, односно 32 терабајти во секунда, брзина која што би требало да може да ги задоволи потребите за интернет во пиковите на користење во целиот свет. Моменталните комерцијални оптички влакна кои што најчесто се користат постигнуваат брзини кои што се мерат во гигабити во секунда, што се разбира не е малку, но со растот на потребите во светот, почнува да претставува и не толку голема брзина.
Како е постигната брзината на трансфер од страна на истражувачите е доста интересно. Тие немаат користено нова технологија или некој нов хардвер, туку го имаат унапредено начинот на пренос на податоци на моменталните оптички влакна. Обично преносот на податоци преку оптичките влакна се врши со користење на еден оптички зрак за кој што се користат мултиплексери кои што успеваат да спојат голем број на преносители на податоци во еден зрак и да го пренесат преку оптичкото влакно.
Поголемата брзина на трансфер е постигната преку користење на стаклено оптичко влакно со можност за пренесување на повеќе зраци, односно влакно со 7 посебни јадра. Потоа, со користење на просторно мултиплексирање тие имаат успеано да постигнат брзина од 5,1 Tbps на една бранова должина. Со користење на мултиплексери постигнато е пренесување на 50 бранови должини во 7-те јадра во влакното со што се постигнува брзината од 255 Tbps.
Користењето на оптички влакна со повеќе јадра не е нова технологија, меѓутоа според истражувачите, тие имаат постигнато начин на производство кој што не е толку скап и комплициран.
Се разбира секогаш кога ќе прочитаме за некоја ваква новина се прашуваме кога може да се очекува нејзината имплементација. Сепак останува процесот на потврда на постигнатите и тврдени резултати, по што е потребно време за почетокот на имплементација. Она што е добро во овој случај е тоа што знаеме дека кога ќе дојде време, решение за интернет пристапот сигурно ќе има.
Извор: ExtremeTech, Nature
Слики: Nutdanai Apikhomboonwaroot, pakorn / freedigitalphotos.net