Huawei на пазарот настапува со неколку видови на часовници, што значи дека секој може да се пронајде себеси, односно да го избере стилот кој го сака од еден ваков производ. Претходникот на часовникот кој сега го имаме на тест, Watch GT 2 Pro, беше еден од најубавите часовници на пазарот, а посебно привлечен го правеше стилот кој е целосно како класичен часовник.

Со Watch GT 3 Pro, Huawei го продолжува тој стил, но го носи на неколку нивоа погоре. Новиот часовник не само што изгледа како класичен часовник, туку изгледа како поскап часовник кој остава посебен впечаток, а посебно во одредени пригоди кои бараат и подобра облека.

Дизајн и карактеристики

Моделот којшто го имаме на тест е најдобриот што може да се земе, барем за машките корисници, за девојките има посебна „Ceramic Edition“ изведба. Нашиот модел е наречен „Titanium Edition“ и веднаш се забележува дека се работи за квалитетно изработен часовник.

Првото нешто што паѓа во очи е стилот, како што веќе истакнавме, на класичен часовник од повисоките класи. За корисниците кои не можеа да се решат да купат паметен часовник, а како главна причина за тоа да било немањето желба да се откажат од класичниот стил, со Watch GT 3 Pro веќе го немаат тој проблем.

Овој часовник изгледа елегантно во секој негов дел, од кружниот дизајн со круна копче, па се до ремчето кое е направено во стилот како што порано се правеа повеќето поскапи часовници. Изработката од титаниум, покрај тоа што изгледа одлично, овозможува подобра издржливост на целиот часовник, како и помала тежина.

Екранот на Huawei Watch GT 3 Pro е со големина од 1,43 инчи, изработен е во AMOLED технологија и доаѓа со резолуција од 466 на 466 пиксели со што се добива нивна густина од 326 ppi, доволно за да не можете да ги забележите без разлика од колку блиску го гледате часовникот.

Часовникот очекувано работи на Harmony OS 2.0, има батерија со капацитет од 530 mAh, а нејзиното траење е една од главните карактеристики на овој часовник.

Фитнес и здравствени функции

Watch GT 3 Pro можеби изгледа како класичен часовник, но тука и завршуваат споредбите. Harmony OS 2.0 ги донесува сите модерни функции кои се очекуваат од еден паметен часовник во денешно време, како и уште недостапната во Македонија ЕКГ функција која се очекува да стане достапна до крајот на годината.

Следењето, односно мерењето на фитнес активностите со Watch GT 3 Pro е едноставно и прецизно, а од Huawei се имаат погрижено сите сензори и алгоритми да се доволно подобрени. Деталите кои се добиваат при мерењето прават да часовникот може да се користи за посериозни тренинзи, а не само да се добие основна информација.

Бројката на достапни фитнес функции е доволно голема да не е можно да ви е нешто потребно, а да го нема, а од Huawei со Watch GT 3 Pro посебно се погрижија и за играчите на голф.

Што се однесува до здравствените функции, Watch GT 3 Pro ги мери пулсот, заситеноста со кислород, а тука е и ЕКГ функцијата во реално време, со информации за синусниот ритам, атријална фибрилација, а покрај тоа, поддржува мерење на артериска тврдост за проценка на кардиоваскуларниот ризик.

Се разбира тука е и нашата омилена функција за мерење на спиењето, нешто што можеби не им е до толку важно на тие кои без проблем заспиваат и воопшто не се будат во текот на ноќта. Watch GT 3 Pro го следи квалитетот на спиењето, а ги следи и додатните информации за време на спиењето како што се пулсот, дишењето, заситеноста со кислород и слично.

Батерија и неколку совети

Една од главните карактеристики по кои е позната GT серијата од Huawei часовниците е издржливоста на батеријата. Со оглед на тоа што повеќето конкуренти мора секојдневно да се полнат, во најдобар случај на ден и пол, некој часовник да издржи е два дена е добро.

Huawei Watch GT 3 Pro издржува многу повеќе од ова. Доколку часовникот во главно се користи како часовник, батеријата може да издржи и до две недели. Сепак, никој не зима паметен часовник за да не ги користи и паметните функции, па батеријата тука веќе зависи колку ќе издржи од тоа колку често и какви функции се користат.

Во нашиот случај, часовникот го користиме за мерење на чекорите, спиењето, како и џогирање, а секако тука се и известувањата од телефонот. Watch GT 3 Pro без проблем успеа да издржи цела недела, нешто што ни приближно сме го немале со нашите досегашни часовници.

Huawei Watch GT 3 Pro има специфичен и интересен начин на прилагодување на ремчето, а тој не е веднаш очигледен. На внатрешната страна од ремчето ќе забележите мали „копчиња“ на секое делче. Со мало притискање и спуштање надолу, се ослободува делчето и може да се извади. На овој начин се прави ремчето повеќе стегнато, а со пакувањето доаѓаат дополнителни делови за тие кои имаат поголема рака.

Доколку навистина би сакале да го извадите максимумот од батеријата, тогаш најдобро е да го исклучите „always on“ екранот, односно информациите да се прикажуваат само кога ќе ја свртите раката кон вас. На овој начин, екранот ќе биде исклучен и ќе се штеди енергијата, а вклучувањето при вртење се прави доволно брзо за да не мора да чекате.

Watch GT 3 Pro има одлична функција, посебно за летниот период, за отстранување на водата од звучниците и останатите делови. Со оглед на тоа што часовникот е водоотпорен и може да се бањате со него, може да се случи одреден период звукот да биде малку изменет поради останатата вода. Со повлекување надолу од горната страна, каде што се достапни кратенките за одредени прилагодувања, притиснете на копчето со икона од капка, по што ќе почне процесот на отстранување на водата.

Заклучок

Имавме големи очекувања од Watch GT 3 Pro, посебно што имавме шанса да го користиме неговиот претходник. Класичниот дизајн, титаниум изработката, во комбинација со паметните функции и траењето на батеријата, го прават Watch GT 3 Pro можеби најдобриот избор на пазарот, а посебно за корисниците кои повеќе сакаат класичен дизајн.

За време на тестирањето не успеавме да најдеме ниту една забелешка, а ја имаме и истата реакција како минатиот пат, ова е часовник што мора да го купиме.

ПРЕГЛЕД НА ОЦЕНКАТА
Дизајн
Батерија
Фитнес и здравје
Квалитет на изработка
Претходна статија„Доверба“ во Дигиталниот свет – од Јанис Соломакос, CSO Huawei – Јужен Балкан
Следна статијаМаркез Браунли го прикажа Nothing Phone (1)
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.
recenzija-huawei-watch-gt-3-proОдличен часовник без можност да се најде забелешка. Заслужено ги добива максималните оценки во сите категории кои ги тестиравме.