Starship леталото од SpaceX, на кое му требаа 15 летови за да успешно слета назад на Земјата, денеска го имаше својот прв лет интегриран заедно со Super Heavy ракетата. Оваа ракета е замислена да го лансира Starship леталото кога е целосно наполнето, а истото е замислено да носи товар, како и астронаути.

Првиот интегриран лет на Starship и Super Heavy ракетата не заврши успешно, иако од SpaceX ова разбирливо го сметаат како дел од развојот на леталото и ракетата. Неколку минути по лансирањето, по достигнување на потребната висина за одвојување на Starship од Super Heavy и вклучување на своите шест ракетни мотори, дојде до експлозија и уништување на двете летала.

Причината за тоа е неуспешното одвојување на леталото од ракетата, по што на видеото од лансирањето можеше да се забележат големи вибрации и движења, по што дојде до експлозијата или како што ја нарекуваат од SpaceX „брзо непланирано расклопување“.

По неколкукратното одложување на ова лансирање, истото беше направено денеска во 15:28 часот по македонско време. Просторот во кој можело да се направи лансирањето бил само 62 минути, а лансирањето е направено од Starbase базата на SpaceX во Тексас, САД.

„Starship е транспортен систем за повеќекратна употреба, дизајниран да носи и екипаж и товар до орбитата на Земјата, да му помогне на човештвото да се врати на Месечината и да патува до Марс и пошироко. Со тест како овој, успехот се мери со тоа колку можеме да научиме, што ќе не информира и ќе ја подобри веројатноста за успех во иднина бидејќи SpaceX брзо го унапредува развојот на Starship.“ – истакнуваат од SpaceX во најавата на лансирањето.

Како што е веќе познато, Starship ја доби својата популарност на почетокот како летало кое на крајот ќе треба да го однесе човекот на Марс, во мисија која се’ уште не е познато кога ќе се изврши, иако се очекува тоа да биде во наредните 10 години.

Преносот во живо од лансирањето на Starship и Super Heavy можете да го погледнете на следното видео.

Претходна статијаSamsung Electronics освои 80 награди на iF Design Awards 2023
Следна статијаСРЕДНОЛЕНД – настан од 2 до 6 мај кој ќе им овозможи промоција на талентираните ученици
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.