Фото: Shutterstock.com

Поранешниот директор за безбедност во Twitter, Пајтер Затко, има поднесено жалба до Комисијата за хартии од вредност, Министерството за Правда и Федералната комисија за трговија во сега јавно објавен случај кој го става Затко во категорија на „свиркач“. Како заштита за случувањата кои ќе следат, Затко ја има ангажирано непрофитната адвокатска организација Whistleblower Aid.

Во документите до чија копија има дојдено The Washington Post, се тврди дека врвните директори во компанијата ги измамиле федералните регулаторни тела, како и сопствениот одбор на директори за практиките на безбедност кои ги има Twitter. Жалбата на Затко истакнува „екстремни, застрашувачки недостатоци“ во практиките на компанијата за заштита од хакери, како и заштита од спам сметки и ботови.

Едно од посериозните обвинувања се дека Twitter ги има прекршено условите од договор помеѓу компанијата и Федералната комисија за трговија за развој на посериозен план за безбедност на мрежата.

Со оглед на тоа дека Twitter има сметки и на политичари во кои се нивните телефонски броеви, покрај истото од обичните корисници, можноста за пробивање на тие сметки не е мала работа. Се истакнуваат и ситуации каде бил овозможен пристап до информациите на корисниците за време на протести во Индија.

Пајтер Затко е вработен во Twitter во ноември 2020 година, а според информациите по посебно барање на тогашниот директор и основач на мрежата Џек Дорси. Затко е познат и ценет како хакер и бил познат по името „Mudge“.

Од Twitter си заминува оваа година во јануари, а е отпуштен од страна на новиот директор Параг Агравал. Од компанијата се бранат со тврдењето дека обвинувањата на Зетко се преувеличени и се полни со неконзистентности и неточни информации.

Во документите може да се види и дел кој ќе му биде важен на Елон Маск во одбраната од тужбата од Twitter за која судењето треба да почне во октомври. Според информациите, во компанијата не се давало големо значење на одбраната од ботови и спам сметки, нешто што е главниот проблем поради кој Маск се откажа од купувањето на мрежата.

Наводно во Twitter се броеле сметките кои кликаат на реклами, односно се важни за бизнис делот, но не и другите сметки. Голем дел од тие сметки се верува дека се лажни и спам сметки.

Адвокатите на Маск веќе му имаат пратено покана за судењето во октомври, па ќе видиме што се ќе излезе на површина до тогаш. Маск сега изгледа поверојатно дека ќе може да излезе од договорот за купување на Twitter или барем да ја промени понудената цена.

ИЗВОРThe Hill
ИЗВОР 2The Washington Post
Претходна статијаSamsung го претстави Galaxy A04, смартфон од пониската класа
Следна статијаПретставувањето на iPhone 14 закажано за 7 септември
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.