CHdTHfSWoAABBkB

Човештвото успеа да слета на комета! Додуша, се работи за беспилотна сонда наречена Philae која пред од прилика 7 месеци слета на кометата 67П Чурјумов-Герасименко. За жал, самото слетување не беше најудобно за Philae, па тој се одби два пати од површината на кометата и западна во некоја падина каде има многу малку дневна светлина.

Ова беше навистина несреќен случај за целата историска мисија бидејќи значеше дека Philae нема да може да си ја врши својата работа поради немањето доволно енергија која би ја собирал од Сонцето. Со енергијата која веќе ја имаше во меѓувреме успеа да направи фотографии од кометата и да ја испита нејзината површина, на која најде органски молекули.

Сега, по 7 месеци чекање и надевање дека ќе се разбуди, се случи токму тоа – Philae се разбуди и твиташе, со пораката: „Hello Earth! Can you hear me? #WakeUpPhilae“ (Philae има Twitter сметка закачена директно со него и му овозможува да комуницира со Rosetta, а преку нејзе и со Земјата).

Според научниците одговорни за мисијата Philae е засега ок. Тој има работна температура од -35 степени целзиусови и 24 Вати електрична енергија достапна за користење, што е пристојно количество. Тоа значи дека е подготвен за операција на површината на 67П т.е. во остварувањето на епската вселенска мисија за прв пат во историјата на човештвото.

Останува да видиме како Philae ќе продолжи да работи и дали ќе биде способен да ја извршува својата мисија. Засега може да фотографира и да го мери магнетното поле на кометата, но наскоро ќе треба да започне и со други анализи, како на пример, на почвата.

Инаку, кометата 67П засега се доближува кон Сонцето и треба да ја достигне најблиската точка (186 милиони километри) во Август. Мразот кој го држи ќе почне да се топи и претвора во гас, и ако Philae е способен за работа тогаш ќе може да ја сними ова неверојатна глетка, нешто што можевме досега само да си го замислуваме или читаме и гледаме во научната фантастика.

Извор: IFLScience, BBC

Претходна статијаЛансирана официјалната верзија на Oculus Rift
Следна статијаMoonraker – часовникот на Microsoft кој не го доживеа светлото на денот