Кинеските компании може да се каже дека се единствени кои успеваат да им конкурираат посериозно на двата најголеми производители во светот, Samsung и Apple. Тие претставуваат модели од високите класи кои воведуваат дизајн и технологии кои тек ќе ги видиме кај поголемите производители.

Интересно е што овој период видовме неколку интересни кинески телефони кои доаѓаат од три компании во сопственост на една, па ретко кој можеби знае за оваа поставеност. Се работи за компаниите Oppo, Vivo и OnePlus.

По одличниот уред од Vivo, кој исто така има екран без исечок и механизам за извлекување на камерата од горниот дел, сега го имаме Oppo Find X кој можеби досега е најдобар и најинтересен од сите.

Она по кое Oppo Find X е уникатен и различен од повеќето е големиот 6,42 инчен екран кој скоро и да нема рамка, односно ја има можеби најмала рамка околу екранот досега. Според производителот екранот зафаќа дури 93,8% од предната страна на уредот.

Она што го прави уште подобар од Vivo NEX е што екранот е заоблен на страните, исто како што тоа го прави Samsung во S моделите, што кога на тоа ќе се додаде минималната рамка на горната и долната страна, го добиваме телефонот кој навистина може да се пофали дека нема рамки околу екранот.

Втората интересна работа кај Find X е системот за камерите. Двојната задна, како и предната камера се поставени во самиот уред, па излегуваат со моторизиран систем само при вклучување на камерата. Излегувањето трае пола секунда, па тоа и не би требало да биде забележливо при вклучување на камерата, со оглед на фактот што толку и треба и на самата апликација да се вклучи.

За разлика од Vivo NEX, кај Find X сите камери се поставени во овој систем и тој е во форма на горниот дел од уредот, а не само мало делче кое „ѕирка“.

Камерите се со 25 мегапиксели на предната страна и 20 и 12 на задната. Предната камера е направено со поголем сензор не во главно поради љубителите на селфи слики, туку поради системот за отклучување со препознавање на лицето.

Овој систем е главниот на уредот со оглед на тоа што на него не е вграден сензор за отпечатоци, ниту на задната страна, ниту под екранот.

Што се однесува до другите карактеристики, тие се соодветни за уред од највисоката класа. Oppo Find X работи на Snapdragon 845, а доаѓа со 8 GB RAM меморија, како и до 256 GB простор за податоци. Батеријата е со капацитет од 3.730 mAh, па може да се очекува задоволително време на траење на истата.

Дечките од The Verge имаа шанса да го користат уредот, па можеби најдобро може да се добие претстава каков и тој во видеото подолу.

ИЗВОРThe Verge
Претходна статијаBitTorrent продаден за 140 милиони долари?
Следна статијаSamsung го претстави изданието на Galaxy S9 и Galaxy S9+ во нијанса на Златно Изгрејсонце
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.