Успехот на М серијата на чипови од Apple, кој доста го зголеми бројот на корисници на компанијата, конечно ги мотивира останатите да започнат со развој на конкурентни чипови.
Засега на пазарот единствено можеме да ги видиме Qualcomm кои развиваат ARM чипови за Windows, но тие не можат да се мерат со тие од Apple, а тука е и слабата поддршка за апликации кои се прилагодени да работат на ваквите чипови.
Qualcomm веќе ја најави новата Snapdragon X серија, која треба конечно да донесе посериозна конкуренција на Apple, од страната на Windows, а оваа недела треба да ги презентираат деталите.
Врз основа на сопствени извори, Reuters најавуваат дека на пазарот до 2025 треба да видиме уште два нови играчи кои ќе имаат на пазарот свои чипови направени на дизајните од ARM.
Се работи за Nvidia и AMD кои наводно веќе работат на развојот на овие чипови и истите може да се очекуваат до крајот на идната, односно до 2025 година. Microsoft има ексклузивен договор со Qualcomm кој треба да истече идната година, па затоа најавите доаѓаат во овој период.
Предноста на ARM чиповите е што тие трошат доста помалку енергија во споредба со „класичните„ x86 чипови, иако и овие чипови успеваат да овозможат доста ниска потрошувачка во нивните понови верзии.
Доколку Nvidia, AMD и Qualcomm на пазарот понудат навистина добри чипови, после тоа останува само Microsoft подобро да го прилагоди Windows 11, односно до тогаш можеби Windows 12 за работа на оваа архитектура. Програмерите исто така ќе треба да бидат доволно мотивирани да ги прилагодат и своите апликации, инаку нивните работа преку „емулатор“ нема да ги донесе саканите предности и перформанси.