LG денеска го најави претставувањето на нов паметен часовник, овој пат наменет за како што тие истакнаа, софистицираниот и космополитски корисник. Се работи за луксузна верзија од нивниот LG G Watch R, паметен часовник со кружен екран, наречен LG Watch Urban. Часовникот ќе биде официјално претставен во Барселона на MWC 2015 настанот кој што се одржува на почетокот од идниот месец.
Паметните часовници со кружни екрани се покажаа како многу повеќе популарни од другите. Корисниците покажуваат дека сакаат да го задржат класичниот изглед на рачните часовници, без разлика што ги сакаат и паметните функции достапни денеска. Затоа новиот луксузен модел од LG воопшто не изненадува што исто така вклучува кружен екран, а е направен да изгледа како и обичните часовници.
LG Watch Urban доаѓа со истите карактеристики како и G Watch R моделот. Тоа значи дека работи на Android Wear оперативниот систем, вклучува 1.3 инчен P-OLED екран со резолуција од 320 x 320 пиксели и нивна густина од 245ppi, како и Snapdragon 400 чипсет со процесор кој што работи на 1,2 GHz и 512MB RAM меморија. Исто така доаѓа со 4GB внатрешна меморија и батерија со капацитет од 410 mAh.
Часовникот ги вклучува и сензорите достапни кај претходниот модел, односно доаѓа со можноста за мерење на пулсот на корисникот, како и фитнес активностите.
Она што го прави овој часовник да биде во категоријата на луксузни е неговата изработка. Тој доаѓа со целосно метално тело со сребрен и златен слој. Вклучува и кожно ременче кое што може да биде заменето за било кое друго со иста големина.
Датата на претставување, како и акцентот на луксузен модел според повеќе луѓе покажуваат дека LG со овој часовник сака да биде директна конкуренција со Apple Watch кој што исто така ќе биде наскоро претставен. Часовникот од Apple се очекува да ја зголеми популарноста на паметните часовници кои што сепак иако доста популарни, не успеаја да станат масовно користени од повеќето корисници.
Извор: LG