Microsoft закажа настан за 24ти јуни на кој ќе биде претставена долго шпекулираната наредна верзија од Windows. Доста информации веќе се достапни за што е тоа што може да се очекува, како освежен кориснички интерфејс кој ќе биде унифициран низ целиот систем, новини кај Старт менито, таскбарот, апликациите од Microsoft, како и поголеми промени кај Microsoft Store.

Повеќе пати беше коментирано дека очекуваните промени се доволно големи да е потребно и ново име на Windows, а не споменувањето на Windows 10 во најавите од страна на Microsoft оди во тој правец.

Се очекува дека наредната генерација од Windows ќе го носи името Windows 11, а од компанијата веќе пуштаат по некој мал „знак“ кој насочува во тој правец.

Во самата најава на настанот, светлото кое влегува низ прозорот остава само две линии, па веднаш почна да се коментира дека тоа е знак за името на наредната верзија од Windows.

Сега од компанијата објавија видео кое може да се каже дека уште повеќе насочува кон Windows 11. Причината за тоа е времетраењето на видеото од 11 минути, а исто така и настанот ќе започне во 11 часот наутро (во нашата земја настанот ќе започне во 17:00 часот).

Видеото е направено од звуците кои се слушаат при вклучување на различните верзии од Windows, односно од Windows 95, XP и 7, а истите се забавени за 4.000%. Од компанијата ова забавување го нарекуваат дека е направено до медитативно ниво и е наменето за корисниците кои имаат проблем да се опуштат додека го чекаат настанот.

„Имате проблем да се опуштите затоа што сте премногу возбудени за Microsoft настанот на 24ти јуни? Направете бавно патување низ сеќавањата со „стартап“ звуците од Windows 95, XP и 7 забавени до медитативна 4.000% брзина.“ – стои во описот на видеото.

ИЗВОРWindows Central
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаInseego и Net4 ги здружија силите за да испорачаат 5G решенија за приватните мрежи низ Европа
Следна статијаРека од тркачи низ Скопските улици на денешната трка HalkEco Скопје Трча 10КМ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.