Microsoft денеска го претстави нивниот Surface Laptop Go 2, две години по претставувањето на првиот модел од оваа серија. Овој лаптоп е најмалиот во Surface серијата и има пониска цена, па е наменет за корисниците на кои не им е потребен лаптопот за многу повеќе од читање, пишување, гледање видеа и слики и слично.

Surface Laptop Go 2 може да се каже дека му конкурира на MacBook Air од Apple, но ќе видиме што ќе покажат тестовите, посебно по претставувањето на моделот со M2 чипот од Apple идната недела. Apple ја има предноста на користење на ARM чип, со што добива подобро траење на батеријата, а уредите со M чип се покажуваат и како одлични кога се во прашање перформансите.

Како и претходниот модел, Surface Laptop Go 2 доаѓа со 12,4 инчен екран кој Microsoft го нарекува PixelSense. Екранот е на допир, што значи дека одредени работи кои се повеќе природни и интуитивни, ќе може да се направат директно на самиот екран. Резолуцијата на екранот е 1536×1024 пиксели, а со тоа се добива нивна густина од 148ppi, што не е којзнае што.

Единаесеттата генерација од Intel Core i5 со избор од 4 и 8GB RAM, како и 128 и 256GB простор за податоци се главните карактеристики на лаптопот. Од Microsoft истакнуваат дека новиот уред има 23% подобрување во споредба со претходниот модел, а подобрување има и кај HD камерата.

Интересно, Microsoft кај овој уред не се одлучи за Windows Hello преку камерата, па на копчето за вклучување е вграден и сензор за отпечатоци на прсти.

Со подобрувањата кај поновите генерации од чиповите на Intel, може да се очекува побрзо вклучување на уредот кога е ставен на „спиење“, помала потрошувачка, како и подобрена безбедност.

За жал Surface уредите не се официјално достапни кај нас, а во САД ќе се продаваат по цена од 599, 699 и 799 долари.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаSafari прелистувачот ја помина бројката од 1 милијарда корисници и е на второто место во светот
Следна статијаИнфинум ги отвори вратите на новата македонска канцеларија со најавени 100 вработувања
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.