Фото: Apple

Иако вчерашната презентација на првиот ден од WWDC привлече големо внимание поради критики за новиот Liquid Glass дизајн, сепак Apple претстави доста добри нови функции кои не се поврзани со дизајнот. 

Покрај одличните новини кај iPadOS 26, со одлични нови функции се истакнува и macOS Tahoe 26. За потсетување, гласините за унифицирање на верзиите се покажаа како точни, па оваа година сите оперативни системи од Apple ја носат бројката 26. 

Главната новина која прави голема разлика за напредните корисници на macOS е надградбата на Spotlight. Ова можеби е најголемата надградба досега и ќе направи да голем дел од корисниците веќе нема потреба да ги користат достапни алтернативи. 

Spotlight сега ги групира резултатите според видот на апликацијата или датотеката, а исто така групирањето се прави и врз основа на тоа што би било важно за корисникот. 

Преку Spotlight корисниците сега можат да ги гледаат апликациите, како еден вид на втор дел за апликации, а најважно од се, macOS конечно добива листа на копиран текст и слики, односно „clipboard history“, мала и стара функција, но навистина корисна. 

Од понапредните функции, преку Spotlight сега можат да се прави конкретни активности без потреба од отворање на апликациите. На пример, може директно да се напише имејл порака и истата да биде испратена, може да се креира настан во календарот и слично. 

Spotlight дури добива и мали кратенки со кои се извршуваат одредени активности, како на пример „sm“ за „send message“, а исто така може да функционира и да извршува команди кои се однесуваат на апликацијата која во моментот се користи. 

Фото: Apple

Уште две новини кои доаѓаат со macOS 26 се навистина одлични, а тоа е донесувањето на Phone апликацијата, новата, од iPhone, како и Live Activities исто така од iPhone. 

Корисниците сега ќе можат многу подобро да ги менаџираат повиците кои можат да ги прават преку нивниот компјутер, со iPhone во близина, нешто што досега беше дел од FaceTime и не беше баш добро. 

Live Activities овозможуваат прикажување на известувања кои се менуваат во вистинско време за работи како нарачки преку Wolt или Korpa, за следење на летови преку Flightradar24 и слично. 

macOS Tahoe 26 доаѓа секако и со редизајнот наречен Liquid Glass, а тоа може да се забележи преку долната лента, односно „докот“, преку новиот Control Center, а и преку целосното тргање на позадината на горната лента, па сега би требало просторот на екранот да изгледа поголем. 

Одличен редизајн добиваат и апликациите, иако кај сите оперативни системи изгледа дека од Apple ќе мора да поработат уште малку и да направат одредени промени во деловите каде проѕирноста е поголема од што треба. 

macOS ја добива можноста за менување на бојата на иконите преку темна и светла тема, како и можноста за додавање на конкретна боја, како на iPhone и новата можност за избор на „стаклена“ тема. 

Фото: Apple
Фото: Apple

Доста добра новина со новиот дизајн е можноста да се менуваат боите на папките, како и можноста за додавање на симболи и „емоџи“ икони на нив. 

macOS Tahoe 26 ја донесува и новата Games апликација која треба да биде едно централно место за сите видови на игри кои им се достапни на корисниците, без разлика дали се од Arcade или „целосни“ игри како на Windows. 

Со оваа новина macOS добива и функција слична на Game Bar на Windows, односно прикажување на одредени контроли врз играта, а тука е и новата Metal 4 алатка за игри.

Фото: Apple

Редизајн добиваат и останатите апликации, па „стаклена“ промена ќе има кај Safari, тука се новините кај Messages апликацијата, FaceTime, Photos, а доаѓа и Journal апликацијата од iPhone. 

Целата објава од Apple за macOS Tahoe 26 можете да ја прочитате тука.

ИЗВОРApple
Претходна статијаГоран Марковиќ е новиот Главен извршен директор на Македонски Телеком
Следна статијаПуштена финалната верзија од Android 16 најрано во годината досега
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.