Фото: Apple

Помина првиот ден од WWDC, а со тоа и првата и најважна за нас презентација на наредните верзии од оперативните системи кои Apple обично ги пушта во септември. 

iPadOS 26 ги донесува досега најголемите новини кои го прават овој оперативен систем уште поблиску до лаптоп компјутер, но јасно е дека Apple секогаш ќе остави доволно разлика за корисниците да треба да изберат што им е повеќе потребно. 

Гласините се покажаа прилично точни, а најавените новини се уште подобри од тоа што се најавуваше.

iPadOS 26 донесува новини кои функционираат без разлика дали уредот е поврзан на тастатура или поголем монитор, а ќе бидат достапни на скоро сите верзии од iPad. 

Фото: Apple

Новиот систем за прозори, како што го нарекуваат од компанијата, донесува можност за отворање на повеќе прозори во исто време и нивно распоредување и менување на големината како што корисникот сака. iPadOS ги памти големините, па секогаш кога апликација ќе биде вклучена во ваков режим, корисникот нема да мора повторно да ја прилагодува. 

Познатата Expose функција од macOS сега е достапна на iPadOS, па корисниците со само едно движење можат да ги видат сите отворени прозори во намалена форма, нешто што е доста корисно кога се отвораат повеќе прозори. 

За iPadOS да биде уште посличен со macOS, тука е познатата горна лента, односно Menu bar, преку која може да се пристапи до повеќе контроли и прилагодувања, а Apple ги донесе и копчињата за намалување и исклучување на прозорите. 

Фото: Apple

iPadOS 26 донесува уште неколку карактеристични за Apple контроли кои со мали движења овозможуваат тргање на апликациите, на пример, нивно отворање во Stage Manager и слично. Прозорите дури можат да се наместат два еден до друг или четири, исто како на macOS, односно исто како што одамна е достапно на Windows, со можноста да се прилагодува нивната големина.

За уште поголема сличност со macOS, односно способност на iPad да функционира како лаптоп, тука е и новата и унапредена Files апликација која сега прикажува повеќе детали за датотеките, овозможува прилагодување на ширина на колоните со информации, менување на бојата на папките, како и можност за додавање на папките на „докот“. 

Тука е и познатата Preview апликација од macOS, која овозможува брз преглед на датотеките, како и работа со PDF датотеки. 

Една од поважните новини кои доаѓаат со iPadOS 26 e Background Tasks, функција која овозможува продолжување на активностите од апликации во позадина, нешто што посебно ќе им користи на корисниците кои користат апликации кои имаат подолги процеси, како конвертирање на видео. 

Дел од iPadOS 26 е и новата Phone апликација, па таблет компјутерите од компанија конечно ќе можат многу подобро да ги менаџираат повиците, наместо тоа да се прави преку FaceTime како досега. 

Liquid Glass дизајнот секако е дел од iPadOS 26, кој донесува „стаклени“ ефекти кај корисничкиот интерфејс и преливање на отсјајот, а тука се и новините кои беа презентирани за апликациите од Apple кај iOS 26.

Официјалната објава од Apple можете да ја прочитате тука.

ИЗВОРApple
Претходна статијаТенка, лесна и создадена да трае: Новата ера на Galaxy Z серијата
Следна статијаГоран Марковиќ е новиот Главен извршен директор на Македонски Телеком
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.