Една од најпознатите десктоп околини на Linux, KDA Plasma, официјално ја доби својата шеста верзија. Корисниците кои веќе ја користат оваа десктоп околина, ќе можат да ја инсталираат најновата верзија, додека тие кои би сакале за првпат да и дадат шанса тоа ќе можат да го направат и преку некои од дистрибуциите како Kubuntu и слични.
Plasma 6 донесува доста новини за корисниците, а дел од нив се и заднински кои ќе направат разлика во безбедноста и перформансите. Како една од поголемите промени е стандардното користење на Wayland, наместо X11, иако останува поддршката за втората платформа за корисниците кои го немаат потребниот хардвер. Шестата верзија од Plasma ја донесува и Qt платформата за апликации.
„Дадовме се од себе за да се погрижиме овие промени да бидат мазни и незабележливи за корисниците што е можно повеќе, па кога ќе го инсталирате ова ажурирање, ќе ја видите истата позната работна околина што ја знаете и ја сакате. Но, овие надградби во позадина имаат корист за безбедноста, ефикасноста и перформансите на Plasma и ја подобруваат поддршката за модерниот хардвер. Така, Plasma обезбедува севкупно посигурно корисничко искуство, притоа отворајќи го патот за многу повеќе подобрувања во иднина.“
Со користењето на Wayland, Plasma 6 донесува и делумна поддршка за HDR, па корисниците ќе можат да забележат разлика при играњето на игри, гледањето на видео содржина и слично.
Една од поголемите промени кои се веднаш забележливи се кај долната лента. Таа сега стандардно е поставена во „лебдечка“ позиција, позиција која се менува со интересна анимација секогаш кога ќе се отвори некоја апликација на целиот екран или истата ќе се доближи до лентата.
Корисниците секако ја имаат можноста да ја исклучат оваа новина и да ја користат класичната лента.

Ова не донесува и до уште една новина, а тоа се прилагодувањата за лентата кои се целосно редизајнирани и овозможуваат повеќе видови на прилагодувања на истата.
KDA Plasma 6 донесува и нова позадини, како и спојување на „прегледот“ на сите отворени апликации со корисничкиот интерфејс за промена на виртуелните десктоп околини.
Целосната листа на новини од страна на KDE можете да ја видите на оваа страна.