10294510_10152352045822381_1911131680965220211_n

Mozilla издава нова верзија од својот прелистувач Firefox на секои шест недели, па иако поради тоа новите верзии обично не вклучуваат многу нови функции, сепак вреди да се биде во тек со новините од овој одличен прелистувач. Од денеска достапна е 32-рата верзија за корисниците на Windows, Linux, OS X и Android. Кои се новите работи кои доаѓаат со оваа верзија можете да прочитате во продолжение.

Firefox 32 за десктоп корисниците стандардно за сите ја вклучува новата HTTP cache функција која што до сега требаше посебно да биде вклучена. Новото HTTP кеширање овозможува доста подобри перформанси на прелистувачот, како во отворањето на веб страните, така и при неговото вклучување.

Исто така на контекст менито, односно менито до кое што пристапувате со десен клик на било кој празен простор, додадени се копчиња за побрзо правење на одредени активности, односно back, forward, reload и bookmark. Ова се активности кои што често се прават за време на сурфањето, па доколку не користите друг начин за нивно побрзо извршување, ова сигурно ќе ви овозможи работа со помалку движење на маусот.

Со оваа верзија исто така додадена е поддршка за Public key pinning, функција која што треба да им овозможи избор на сопствениците на веб страни кои компании за сертификати можат да се користат за нивната страна. Со ова треба да се подобри сигурноста на страните кои што користат SSL за заштита на нивната комуникација.

Доколку сакате да ја погледнете целосната листа на промени во Firefox 32, тоа можете да го направите преку следниот линк.

Firefox 32 е исто така достапен и за корисниците на Android, па и оваа верзија вклучува неколку новини. Новото HTTP кеширање и вклучено стандардно за сите корисници и на Android платформата, па би требало исто така да забележите одредени подобрувања во перформансите на прелистувачот. Исто така оваа верзија поддржува промена на достапните јазици без потреба од исклучување на прелистувачот. Можноста за бришење на историјата од сурфањето е додадена преку посебно копче на history страната, па ова сега можете да го правите без потреба од отворање на менито.

Целосната листа на промени во верзијата за Android можете да ја погледнете на следниот линк.

Доколку веќе сте корисник на Firefox, можете да го надградите прелистувачот на најновата верзија преку update функцијата на десктоп или преку Play продавницата на Android. Доколку сакате да го инсталирате од почеток, можете да го симнете преку следниот линк.

Претходна статијаОтворена регистрација за бета корисници на Opera Mini за Windows Phone
Следна статијаАлтернативни интернет прелистувачи за Windows Phone
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.