Appla Shazam

Веќе не е тајна дека Apple го купи Shazam. Ова се случи кон крајот на 2017 година. За тие кои не сте упатени, Shazam е апликација со која им се овозможува на корисниците да идентификуваат песни, филмови, ТВ шоуа и реклами со помош на кратки аудио снимки. Како и да е, се чини дека постојат одредени проблеми во нивниот договор, односно станува збор за преелиминарни компетитивни недоследности. Европската Унија објави дека ќе отвори сеопфатна истрага со цел да ја испита детално целата работа, односно за кои цели ќе бидат искористени корисниците на Shazam.

Практично, Apple Music е вториот музички сервис по големина во ЕУ (после Spotify) и Комисијата е загрижена дека компанијата ќе го користи Shazam за да го продолжи својот раст. Ова би се постигнало со насочување на корисниците кон Apple Music. Би рекла дека ова воопшто не е изненадувачки и е прилично очекувано. Мислам, зошто воопшто купувате стартап или било која компанија? Целта е јасна: за да ја зголемите базата на корисници и да ги конвертирате во ваши идни клиенти. Толку е едноставно. Секако, ова не е во интерес на европските граѓани, особено ако земеме во предвид дека околу 3000 луѓе работат за Spotify. Spotify е најуспешниот европски стартап и навистина не би изгледало добро доколку ЕУ не ги преземе работите во свои раце и не им помогне да го задржат првото место.

“Ние сме воодушевени што Shazam и неговиот талентиран тим ќе му се приклучат на Apple”, изјави портпарол на Apple за The Verge.

“Apple Music и Shazam природно се вклопуваат, ги делат страстите за откривање на музика и овозможуваат одлични музички искуства на своите корисници. Имаме возбудливи планови за нашите понуди и со нетрпение очекуваме да ги комбинираме со Shazam по одобрувањето на денешниот договор”.

Од друга страна пак, еве каква е и официјалната изјава на Комисијата:

“Во оваа фаза, Комисијата е загрижена дека по преземањето на Shazam, Apple ќе добие пристап до комерцијално чувствителни податоци за корисниците на своите конкуренти”, се вели во нивното соопштение. “Податоците може да му овозможат на Apple директно да ги насочи корисниците на своите конкуренти и да ги поттикне да се префрлат на Apple Music.”. Впрочем, токму онака како што коментирав претходно. “Како резултат на тоа, конкурентските услуги за проследување на музика може да се стават во неповолна позиција”, надополнуваат тие.

Според моето мислење, станува збор за добро маскирана поддршка за Spotify. Изјавите се дипломатски и воопшто не посочуваат на тоа дека главната идеја позади целата работа е да се задржи (или зголеми) истата базата на корисници со која располага познатиот европски стартап.

Едно е сигурно, на американските компании воопшто не им е лесно да оперираат на европско тло. Очекувам да има уште санкции во иднина. Којзнае што се не’ очекува. Затоа, бидете во тек со сите новости и следете го Смартпортал на социјалните мрежи✌

Претходна статијаIntel претстави нови сигурносни технологии на RSA 2018
Следна статијаНе го крши синџирот