Според неофицијални извори, The Washington Post објави информација дека британските власти бараат овозможување на пристап до шифрираните податоци од корисниците на Apple.
Ова барање е пуштено како „известување за техничка способност“ врз основа на Законот за истражни овластувања донесен во 2016 година. Можноста да се побара ваков пристап е донесена со измена на законот во 2023 година.
Британските власти во основа бараат Apple да направи неофицијален пристап, таканаречен „бекдор“ во нивната технологија за шифрирање на податоците во iCloud.
Пристапот до податоците во iCloud, дури и за Apple, беше тргнат со можноста за вклучување на Advanced Data Protection функцијата претставена во 2022, а пуштена за сите корисници во светот во 2023. Корисниците со вклучување на оваа функција додаваат од-крај-до-крај шифрирање на податоците во iCloud, па во тој случај никој, дури ни Apple, не може да пристапи до тие податоци.
Оваа можност не им се допаѓа на британските власти, па бараат од Apple да развијат софтверска можност да сепак може да се пристапи до шифрираните податоци.
Тоа што е „интересно“ во ова барање е што тие не бараат ваков пристап само за корисниците во земјата, туку за корисниците од целиот свет. Ова барање дефинитивно не е неважно и доколку биде одобрено ќе биде нарушена приватноста, но и безбедноста на корисниците.
Apple не коментираат на оваа вест, а според законот тие и не смеат, а прекршувањето на законот е кривично дело. Од компанијата не би смееле ни да ги известат своите корисници дека имаат овозможено нешто вакво, ниту кога истото официјално се користи.
Ваквото барање можно е да доведе до исклучување на Advanced Data Protection функцијата во ОК, но тоа сепак не го решава проблемот со барањето кое бара глобален пристап.
Apple отсекогаш го граделе својот углед врз основа на тврдењата за грижа за приватноста на корисниците, па ова може да биде голем проблем за компанијата.