Личните асистенти се дел од сите поголеми платформи кои што се достапни за корисниците денес. Почнувајќи од Apple Siri, па Google Now, до најновиот асистент Cortana од Microsoft што брзо доби популарност, иако се’ уште достапен на само мал број на корисници. Овие лични асистенти извршуваат скоро секакви команди кои што им ги давате, преку пишување или како што и повеќе се прави преку гласовни команди. Така преку нив можете да направите голем дел од активностите кои за кои што треба да отворате апликации и самите да правите одредени прилагодувања и слично, како на пример, закажување на состаноци во календарот, местење на аларм, проверка на временската прогноза, пребарување на интернет, добивање на информации и многу повеќе.
Кога ќе се земе искуството на Microsoft со претставувањето на Cortana, се гледа важноста на ваквата функционалност на оперативниот систем, барем за корисниците во САД и слични земји. Иако BlackBerry за некои веќе се отпишани, тие сепак се’ уште се трудат да се вратат како важен фактор на пазарот на мобилни платформи. Во тој случај не е воопшто чудно што и од таму со во изработка на персонален асистент, кој што ќе биде наречен BlackBerry Assistant.
Кратко најавен преку блог објава на нивниот сајт, BlackBerry Assistant треба да биде достапен со најновата верзија од оперативниот систем, BlackBerry 10.3. Како што може да се очекува од еден асистент, така и BlackBerry Assistant ќе може да ги извршува поголемиот број на активности на уредот преку гласовни команди.
Ќе биде интересно да се види дали од компанијата ќе успеат да се вратат на пазарот и дали додавањето на вакви функции во оперативниот систем ќе направи разлика. Според некои луѓе, веќе е доцна за BlackBerry, а бројот на платформи моментално достапни на пазарот се доволни. Што мислите вие, дали BlackBerry ќе успеат да се вратат како важен фактор и дали претставувањето на асистент ќе помогне во таа цел ?
Извор: TechCrunch, BlackBerry Blogs