Со најавата дека понапредната верзија од Siri може да се очекува дури во пролетта оваа година, а потоа одложувањето за идната година, стана јасно дека Apple имаат проблем со развојот на нивните големи јазични модели.
Apple Intelligence им нуди на корисниците одредени функции кои се корисни, но за вистинска конкуренција со останатите, потребно е доста повеќе, а тука посебно доаѓа до израз потребата за развој на Siri.
Целта е Siri да може да се поврзе со информациите и апликациите на корисникот, како и да добие „свесност“ за тоа што во моментот е на екранот. Потоа, од овие информации асистентот треба да може да даде одговори, да изврши команди, а посебно корисна е можноста тоа да се направи помеѓу повеќе апликации со една команда.
Ваквите можности дури сега почнуваат да доаѓаат кај конкурентите, па и кај нив сѐ уште не се доволно развиени, па засега може да се каже дека Apple и останатите функционираат во нивните стандардни стилови. Тоа што ја помеша целата работа е обидот на Apple да побрза, нешто што не е типично за нив.
Според информации од Марк Гурман, дел од директорите во Apple размислуваат да се користат јазичните модели од конкурентите, наместо нивните, па напредната верзија од Siri да функционира на нив.
Наводно, од компанијата веќе имаат разговарано со Anthropic, компанијата која стои зад Claude, а разговори имало и со OpenAI. Од Apple било побарано да се направат модели кои би можеле да функционираат преку нивните сервери, односно Private Cloud Compute серверите кои од компанијата ги промовираат како доста приватни.
Ваквата одлука би значела јавно признание дека од компанијата не ги сметаат нивните јазични модели за доволно развиени и напредни, па користењето на други модели од надвор би овозможило корисниците да добијат функции на ниво на тие кои ги добиваат корисниците на Android.
Гурман пишува и за промените во менаџерските функции задолжени за развојот на Siri, а тука е и одделот во кој работат повеќе од 100 луѓе за развој на големи јазични модели.
Во периодот што следи ќе видиме во кој правец ќе одлучат да одат од Apple, а доста важно за нив е да сепак функционираат со нивните јазични модели, наместо тие од другите компании. Ова сепак ќе зависи од нивото на развој на овие модели, а тука ќе биде интересно да се види што точно се случува.