Донесувањето на Digital Markets законот во Европската Унија може да се каже дека досега најмногу ги погоди Apple. Тие како прилично затворена компанија, односно компанија која го држи нивниот систем затворен, сега се принудени да отворат доста од пристапите и сервисите достапни само за нивните уреди и корисници.
Apple се погодени од овој закон како компанија со голем број на корисници и влијание, а уште од самиот почеток од компанијата започнаа со критики и предупредување на можното нарушување на досегашната приватност на нивните корисници.
Од компанијата сега објавија документ преку кој сакаат да ги истакнат ризиците кои доаѓаат од злоупотребата на Digital Markets законот, односно конкретно барањата за интероперабилност кои се дел од него.
Објавата на документот доаѓа по јавните критики од страна на Apple кон Meta како компанија со најголем број на барања врз основа на овие закони.
Барањата за интероперабилност во основа ги „тераат“ Apple да им овозможат пристап до истите ресурси кои тие ги имаат од iOS, на програмерите на апликации. Од компанијата истакнуваат дека тие го поддржуваат ова правило и дека отсекогаш овозможувале пристап за програмерите со повеќе од 250.000 API алатки за нив.
За да покажат какви ризици постојат со барањата за интероперабилност Apple директно ги истакнуваат Meta како компанија која нема баш најдобар углед кога се во прашање правата и приватноста на корисниците.
„Законот за дигитални пазари започна на почетокот на оваа година, воспоставувајќи го во законот концептот на „интероперабилност“. Основната идеја е дека програмерите треба да имаат пристап до истите алатки во iOS и iPadOS како Apple, со цел да се обезбеди рамноправен терен за играње. Apple отсекогаш верувале во тој рамномерен терен за игра. Додека продолжуваме да создаваме можности за интероперабилност, останува неверојатно важно тоа да се направи на начин што е соодветен за нашите корисници. Затоа, секој пат кога отвораме програмерски пристап до функционалности, ние внимателно размислуваме како да го направиме тоа на начин што продолжува да ги штити корисниците. Сите ги знаеме ризиците. Без правилна заштита, давајќи пристап до трети страни делови од уредите на корисниците би можеле да отворат начини за лошите актери да ги украдат или разоткријат нивните лични информации.“ – истакнуваат од Apple во документот.
Од компанијата истакнуваат дека Meta имаат поднесено 15 барања за интероперабилност и тврдат дека со тоа тие бараат пристап до непотребни делови од iOS.
Apple тврдат дека доколку им се одобрат барањата на Meta, тие ќе имаат пристап до сите пораки на корисниците, сите имејл пораки и слично.
„Ако Apple треба да ги исполни сите овие барања, Facebook, Instagram и WhatsApp може да им овозможат Meta да ги чита на уредот на корисникот сите негови пораки и е-пошта, да гогледаат секој телефонски повик што го прави или прима, да ја следат секоја апликација што ја користи, да ги скенираат сите негови фотографии, да ги видат неговите датотеки и настани во календарот, да ги регистрираат сите негови лозинки и многу повеќе. Ова се податоци до кои самиот Apple избра да не пристапува со цел да се обезбеди најсилна можна заштита на корисниците.“ – додаваат од Apple.