Apple најави воведување на три нови функции кои се насочени кон значително подобрување на приватноста и безбедноста на податоците и комуникацијата на корисниците.

Како главна новина се истакнува „Advanced Data Protection“ функцијата за iCloud која во основа ја проширува заштитата на сите податоци кои имаат интеракција со овој сервис во „облакот“.

Advanced Data Protection ја вклучува познатата и безбедна „од-крај-до-крај енкрипција“ за скоро сите сервиси од Apple, па сега со шифрирање ќе бидат заштитени пораките од Messages, потсетниците, iCloud Drive податоците, омилените страни во Safari, белешките, гласовните белешки, сликите, Wallet податоците и бекап на уредот.

Како доста важна новина од овие промени треба да се истакне заштитата на пораките од Messages апликацијата. Истите и досега беа заштитени за да дури ни Apple не може да ги прочита, но доколку корисникот се одлучи да ги зачувува во iCloud, нешто што е корисно ако сака да ги има на повеќе Apple уреди, таа заштита се губеше. Клучот за нивно отворање е достапен за Apple, што значи дека тој сервис во тој случај веќе не може да се смета како 100% приватен.

Сега без разлика дали пораките ќе се зачувуваат во iCloud или не, тие ќе бидат заштитени со шифрирање и никој нема да може да ги отвори, освен корисникот на своите уреди.

Оваа промена исто така се истакнува и кај сликите кои се зачувуваат во iCloud. Сега и тие ќе бидат шифрирани и нема да може да бидат отворени од страна на Apple, а тоа значи и дека од компанијата се откажуваат од нивно скенирање во облакот за можни слики со детска порнографија.

Единствени податоци кои остануваат надвор од оваа заштита ќе бидат имејл пораките, контактите и календарот, а од компанијата истакнуваат дека тоа е така поради можноста за поврзување со надворешните сервиси.

Advanced Data Protection нема да биде вклучена по автоматизам, па корисниците ќе мора тоа самите да го направат. Причината за ова е што доколку се вклучи оваа функција, Apple веќе нема да може да го врати пристапот до податоците ако корисникот го изгуби својот уред, на пример или ја заборави лозинката за пристап. Од Apple истакнуваат дека тоа точно го кажуваат и корисниците треба да знаат дека ја преземаат оваа одговорност.

Како еден вид заштита од губење на пристапот до податоците, корисниците ќе можат да симнат код за враќање на пристапот кој ќе треба да го чуваат на безбедно место.

Оваа новина им станува достапна на корисниците до крајот на годината со најновите верзии од оперативните системи од компанијата во САД, а во остатокот во светот од почетокот на идната година.

Крег Федериги од Apple на кратко ги објаснува овие новини во ова видео.

Покрај оваа одлична новина, Apple воведува уште две безбедносни новини, но овие се повеќе наменети за корисниците кои имаат ризик од нарушување на нивната приватност, како што се новинари, владини претставници, борци за човекови права и слично.

Двете новини се iMessage Contact Key Verification и Security Keys. Првата овозможува добивање на известување доколку шифрираниот разговор преку Messages е пробиен од некоја трета страна, а корисниците можат и да ги споредат своите безбедносни клучеви за да бидат сигурни дека само тие можат да ги прочитаат пораките.

Втората новина овозможува користење на хардверски клуч, како на пример „стикчињата“ од YubiKey за најавување на Apple сметките. Овие клучеви се користат како хардверска замена за дво-факторска автентикација, наместо користењето на кодови.

ИЗВОРApple
Претходна статијаГодина на TikTok 2022 ги прикажува некои од најпопуларните видеа на оваа мрежа
Следна статијаMicrosoft додаде „заедници“ во бесплатната верзија од Teams
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.