Google го претстави Android P во мај оваа година, па финалната верзија од овој оперативен систем се очекуваше некаде во есен. Може да се каже дека до некаде од компанијата не изненадија и ја претставија финалната верзија од Android P оваа недела, истата е достапна за корисниците на Pixel уреди, а официјално име кое го носи е Android 9 Pie.

Финалната верзија од „питата“ доаѓа со веќе претставените новини и функции, односно во оваа фаза тие само се спремни за официјално пуштање за сите корисници. Сепак, една од најинтересните нови функции е се’ уште во бета верзија, а се работи за посебниот дел каде ќе се прикажува времето поминато на уредот, односно Digital Wellbeing делот.

Како и секогаш, првите кои ќе можат да ја користат најновата верзија од Android се корисниците на Pixel уредите од Google, но се очекува и брза надградба од уредите кои учествуваа во бета програмата. Уреди кои имаат учествувано во бета програмата се од Sony, Xiaomi, Nokia, Oppo, Vivo, OnePlus и Essential, па корисниците на телефони од овие производители може да очекуваат надградба оваа есен.

Што се однесува до останатите, како и обично ќе поминат повеќе месеци додека производителите ја прилагодат и доволно тестираат својата прилагодена верзија, па истата ќе почнат да ја пуштаат најрано од крајот на годината, а повеќето од идната година.

Инаку, Android 9 Pie воведува неколку новини кои значително го менуваат овој оперативен систем. Главната промена која веднаш се забележува е навигацијата низ системот со гестикулации, за што променет е бројот на копчиња на долната страна. Пример за оваа нова навигација е повлекувањето на Home копчето нагоре за прикажување на активните апликации.

Делот којшто ги прикажува активните апликации ќе стане и повеќе интерактивен, односно преку него ќе може да се ископира текст од некоја апликација, без потреба истата целосно да се вклучи.

Android 9 Pie доаѓа и со поголема имплементација на вештачката интелигенција во работата на системот. Па така, подоброто искористување на батеријата ќе биде овозможено со Adaptive Battery и Adaptive Brightness функциите кои ќе го учат начинот на користење на уредот од страна на корисникот.

Вештачката интелигенција ќе дојде до израз и во новите функции App Actions и Slices. Првата овозможува предлози за одредена активност, како на пример вклучување на апликација за навигација, а тоа го прави соодветно на навиките на корисникот, како и периодот од денот. Slices функцијата овозможува прикажување на дел од функциите на апликациите при пребарување во Search, односно како што даваат пример од Google, при пребарување на „Lyft“, преку резултатите корисниците ќе можат да повикаат возило.

Една од најпознатите нови функции е можноста за следење на времето поминато на уредот, како и можноста да се ограничи користењето на одредени апликации по надминување на само поставеното дневно време. Исто така, Do Not disturb функцијата е надградена да овозможи целосно исклучување на известувањата, дури и од екранот, како и менување во сив екран за полесно „оставање“ на уредот пред спиење.

Сите овие новини, како и стандардните подобрувања во перформансите и безбедноста се дел од новиот Android 9 Pie, а го прават овој оперативен систем уште подобар и конкурентен на пазарот.

ИЗВОРGoogle
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаHuawei се искачи на второ место во производство и пазарен удел на паметни телефони во светот со импресивен Q2 перформанс
Следна статијаОдложено прекинувањето на старата верзија од Skype на неодредено време
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.