На Google I/O конференцијата која се одржува оваа недела, Google официјално ни го прикажа најновото од Android. Верзија за програмерите веќе беше достапна, меѓутоа истата немаше некои значителни промени.

Од ова што Google го прикажа на сега веќе бета верзијата од оперативниот систем, гледаме дека се работи за најголемата промена на Android после повеќе години.

Android P, како што моментално се нарекува, како и обично, е достапен како бета верзија за до сега најголема бројка на мобилни телефони. Листата ја сочинуваат, покрај Pixel телефоните од компанијата и Sony Xperia XZ2, Xiaomi Mi Mix 2S, Nokia 7 Plus, Oppo R15 Pro, Vivo X21, OnePlus 6 и Essential PH‑1.

Што го прави Android P еден од најголемите промени на оперативниот систем ?

Новините кои ја прават главната разлика во оперативниот систем може да се поделат во три главни. Тоа се новиот начин на навигација низ корисничкиот интерфејс, користењето на вештачка интелигенција и систем за таканаречена дигитална „благосостојба“.

Навигацијата низ корисничкиот интерфејс ја добива досега најголемата промена. Трите копчиња кои од кога памтиме за Android се дел од системот, без разлика дали во физичка, па подоцна во софтверска форма, значително се менуваат.

За почеток, веќе нема да има три копчиња, туку едно главно и уште едно кое ќе се покажува само кога е вклучена некоја апликација.

Главното копче, како што би очекувале ќе биде home копчето кое сега добива нешто проширена намена. Ова копче и понатаму ќе не носи на главниот, односно home екранот, а и понатаму со долго притискање на него, ќе го отвара Google Assistant.

Она што е ново, а и ја прави целата промена во начинот на функционирање на Android е работата на ова копче со гестикулации. Поточно третото копче веќе нема да биде достапно, а работата на home копчето ќе го покрие тој „недостаток“.

Со повлекување на home копчето нагоре се прикажуваат сите вклучени апликации, како и листа со неколку најчесто користени апликации, заедно со лента за пребарување. Со движење на ова копче лево или десно, се „навигира“ низ отворените апликации.

Листата со отворените апликации сега овозможува и одреден степен на интеракција со нив, без потреба од нивно целосно отворање. Па така, ќе биде возможно копирање на текст, на пример, директно од „намалената“ апликација.

Повторното повлекување нагоре на home копчето ја отвора целосната листа на сите инсталирани апликации.

Копчето за враќање назад, односно back копчето ќе биде делумно останато. Тоа ќе се прикажува само на апликациите, односно во ситуации кога и би можело да се користи, наместо цело време.

Втора новина во Android P е искористувањето на вештачката интелигенција за повеќе функции на оперативниот систем. Google во соработка со компанијата „сестра“ DeepMind, ќе овозможи подобро функционирање на клучни делови од системот со помош на вештачка интелигенција. Што тоа значи ?

Тоа значи дека вештачката интелигенција ќе одредува кои апликации треба да бидат вклучени, а кои не, што ќе придонесе од поефикасно искористување на батеријата. Исто така, вештачката интелигенција ќе ја контролира и јачината на екранот. Сето ова ќе се прави врз основа на начинот на користење на уредот од страна на корисникот, односно врз основа на неговите навики.

Вештачката интелигенција исто така, преку следењето на навиките, ќе овозможи побрзо и подобро извршување на работите, при вклучување на слушалки, како што даваат пример од компанијата.

Android P исто така ќе овозможи интегрирање на делови од апликациите во Assistant, односно како што даваат пример од Google, при пребарување за Lyft, ќе бидат прикажани и цени за одредена дестинација. Ова функција го носи името App Slices.

Третата новина која според мене е и посебно интересна е поврзана со дигиталната добросостојба, како што истакнуваат од Google. На сите ни е познато дека премногу време поминуваме на нашите уреди.

Она што Android P ќе го овозможи е детален приказ на тоа колку време сме го користеле уредот, бројот на известувања кој сме го добиле, како и бројот на часови потрошени на секоја апликација посебно.

Интересниот дел е можноста да се стави ограничување на времето кое би сакале да го поминеме во текот на еден ден, користејќи одредена апликација. На пример, може да наместиме дека Facebook би сакале да ја користиме најмногу 1 час во текот на денот.

Android P ќе не извести кога ќе се приближиме до ограничувањето, а доколку го поминеме, иконата од апликацијата ќе ја промени бојата во сива и нема да може да се вклучи.

Оперативниот систем оди и чекор понатаму, па овозможува целиот кориснички интерфејс да стане сив после одреден час во денот кој би го избрале како време кога сакаме да си легнеме. Како што обично е случајот и кога ќе легнеме, продолжуваме со „чепкање“ на телефонот, па тргањето на боите од интерфејсот, дефинитивно може да помогне во тоа да престанеме.

Android P ќе биде достапен оваа есен, меѓутоа како и обично, многу повеќе ќе треба да чекаме додека производителите го пуштат на своите уреди, ако воопшто нашиот уред биде на листата на уреди кои ќе бидат надградени.

Во продолжение можете да го погледнете и прегледот на Android P од The Verge.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Google
Претходна статијаMozilla Firefox 60 – Web Authentication и верзија со продолжена поддршка
Следна статијаGoogle Drive за веб доби освежување на изгледот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.