Озарк ми е откровение. Релативно непозната серија, барем во нашиве кругови, ама има ептен јака репутација. И со добра причина. Има земено инспирација од Брејкинг Бед и иако не ги достигнува величините на Бед (ретко која серија може), храбро посегнува по нив.

Уште од првата епизода Озарк ме хукна како ретко која серија. Дури и на Брејкинг Бед и требаше скоро цела сезона за стварно да ме привлече, ама Озарк е толку брзоплета од прва минута, не можеш да престанеш да гледаш. Создадена е за бинџање, па добро е што е на Нетфликс.

Приказната е следна: Марти Брд е човек што сака да работи со бројки. Заедно со најдобриот другар имаат фирма за финансиски консалтинг и некако се вплеткуваат со еден сомнителен лик на кој му помагаат да пере пари. Проблемите почнуваат кога ликов се сомнева дека Марти и другарот крадат, односно „задржуваат“ дел од тие пари.

Во меѓувреме, Марти се соочува и со други фамилијарни драми поврзани со неговата сопруга. Марти е добар лик кој е ставен во многу лоши ситуации, делумно и по своја вина. Како и Волтер Вајт и тој сака комплетна контрола врз неговиот живот. Оваа опседнатост со контрола влијае и врз животот на луѓето околу него, не секогаш позитивно.

Уште после првите две епизоди, станува јасно кај ќе тера приказната во првата сезона. Марти е приморан да смислува креативни решенија за да го спаси својот бизнис, но и својот живот и животот на своите најблиски. Тоа го води кон Озарк, место што ме потсеќа на Берово, само во САД. Берово, ако Берово беше населено од мултимилијардери со куќи-палати и милионски глисери. Се чини дека планот му успева. Но, поучени од Брејкинг Бед, знаеме дека ова нема да трае долго.

Збор два за глумата. Кастингот е предобар. Џејсон Бејтман (Марти Брд) е еден од најпотценетите актери во Холивуд според мене. Во филмовите кај што глуми има некои минорни улоги, а славата му кулминираше со култната Арестед Девелопмент. Во Озарк е феноменален. Се гледа дека има искуство и во комедии и баш тој спој на драма и комедија извира од неговиот лик во скоро секоја сцена. Знае да биде и тензичен и смешен кога треба. А и контрол фрик, каков што е неговиот лик. Башка личи дека баш ужива во улогата на Марти Брд. Лора Лини (Венди Брд) ќе ја познаеш од многу други филмови, ама веројатно не си запамтил како се вика (морав да се потсетам во кои филмови сум имал „еј оваа како се викаше“ реакција). Ова е веројатно нејзината најдобра улога. Нејзиниот лик има многу интересен развој, нема статичност во ликовите во Озарк, се менуваат, но природно, не исфорсирано.

Останатите ликови исто така се одлични. Онаму каде што најмногу се приметува вниманието на детали е фактот што некои ликови што ти се одвратни на почетокот, ти стануваат симпатични како што тече серијата. Мислам дека тоа е една од главните одлики на серија со добар character development. Она што не го обожавав беше ликот на ФБИ агентот Пети, кој на почеток ми се чинеше прилично мрачен и интересен лик. Таков и е претежно, но немаше баш премногу што да прави во серијата, ништо не му одеше од рака. И ми се чини дека претерано е исфорсиран да биде „измачуван“ лик кој се бори со своите демони. Минорна замерка.

Приказната е одлично осмислена и динамична. После првата сезона, немаш баш јасна претстава каде би можела да оди серијата. Се чувствуваш како да ќе заврши во ќорсокак. Ама веднаш после првата епизода од сезона 2 работите ти се појасни. Постојано знае да те изненади серијата и да ти понуди нешто што воопшто не си помислил дека може да се случи.

Ако сакаш добра драма, Озарк е за тебе. Ако си обожавател на Брејкинг Бед, мораш да ја гледаш.

Претходна статијаMicrosoft OneDrive доби 64-битна верзија
Следна статијаSiri најавува Apple настан на 20-ти април
Бојан Георгиевски
Бојан е љубител на читање и пишување научна-фантастика и фантазија. Негови интереси се и приватноста, медиумите, и начинот на кој технологијата влијае на општеството.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.