Гренланд би го сместил во категоријата на филмови што очекуваш да се прелоши и одбиваш да ги гледаш, се додека некој не ти ги препорача или па ептен имаш фетиш за такви филмови. Повеќето од таквите филмови стварно ќе те разочараат, а такво чувство имав и тука, поучен од искуствата со The Day After Tomorrow и 2012, дел од оние што едвај чекав да ги гледам во кино. Во последните неколку години се презаситив од жанрот и почнаа да ми сметаат истите Холивудски шаблони: сериозни предупредувања што човештвото ги игнорира, романса меѓу пар ликови, чизи хумор итн. Гренланд е друга приказна.

Горниве клишеа ги нема, а филмот се издвојува како еден од подобрите од жанрот во последно време, можеби ever. Приказната секако е „шаблонска“. Се работи за појава на група комети кои патуваат накај земјата и постои голема шанса да имаат катастрофални последици. Збрката почнува кога првата комета удира во населено место наместо среде океан, како што предвидувале експертите (како толку згрешиле, не е јасно, дури луѓето гледаа лајв стрим очекувајќи кометата да удри во океан).

Почнува паника, страв и хаос низ улиците, како што кометите удираат насекаде низ светот, а се очекува најголемата, „мајка на сите комети“ тотално да ја уништи земјата. Тоа води до планови за засолништво на скриена локација („Гренланд“). Џерард Батлер и неговата фамилија се избрани како дел од оваа експедиција – се верува дека тоа е поради тоа што тој е успешен архитект, а такви требаат после секоја апокалипса. Заедно со неговата сопруга и син поаѓаат накај местото од каде што треба да се упатат кон својот спас.

Но, повеќе работи тргнуваат наопаку. Прво и најбитно, комети паѓаат од небото по рандом распоред, со што го поматуваат планот на главните ликови. Освен тоа, луѓето спобудалуваат, ограбуваат и убиваат кај стигнат, па тоа неминовно води кон пар насилни сцени во кои се вплеткани и протагонистите. Ама ефективни се, не се кринџ.

Глумата е супер. Батлер редовно си ја врши добро работата и оваа улога баш му легнала. Морена Бакарин ја знам уште од пропаднатата „V“, а солидна беше и во Дедпул. Овде е одлична и имаат фина хемија со Батлер. Она што најмногу ме изненади беше детето. Во ваквите филмови ликовите деца знаат да ме извадат од такт, но детето во Гренланд си ја врши работата феноменално, а помага што ликот е добро осмислен и има баш битна улога во некои сцени.

Тензијата филмот си ја возеше од почеток до крај и нема многу клише моменти. Нема ни забавени снимки и close-ups од загрижени лица и траорни сцени во Париз, Рим и другите stock локации што обично ги гледаме во ваквите филмови (иако крајот не одолеа да удри на сентименталности, ама ништо страшно). Се на се, многу пријатно сум изненаден од филмов. Можам да го препорачам. Забавен е, тензичен, има добра глума и приказна во која си инволвиран.

Претходна статијаБАТ рангиран меѓу првите три најуспешни компании во Футси 100 ЕСГ
Следна статијаMicrosoft во ексклузивни преговори за купување на Discord кои може да завршат до идниот месец
Бојан Георгиевски
Бојан е љубител на читање и пишување научна-фантастика и фантазија. Негови интереси се и приватноста, медиумите, и начинот на кој технологијата влијае на општеството.