Вообичаено, сите препораки од луѓе – дали е книга, филм, музика – во најмала рака ги проверувам дали ми фаќаат око. Ако ми изгледа предлогот интересно, оди во saved for later и порано или подоцна на предлогот му доаѓа ред. Почитувам некој што се помачил да ми предложи баш мене нешто – од моја страна можам да го испочитувам барем со внимание од една минута да проверам дали му е ок препораката, нели?

Патриот е ТВ серија на Амазон која ми ја препорача „пријател“ на ФБ. Затоа и овој воведен пасус за бон-тон кон препораки. Како и да е…

Станува збор за релативно постара серија (од 2017) која има 2 сезони по 10, односно 8 епизоди. Серијата е некако „под радарот“, како повеќето одлични серии на Амазон (нема премногу фама како што тоа го прави Нетфликс). Сепак, Амазон не одлучи да ја продолжи за трета сезона и покрај одличните реакции од фановите. 

Серијата е одлична, со оригинална приказна, комична и трагична во исто време, со одлични глумци и неверојатна изведба од главниот актер.

Во „Патриот“ ги следиме авантурите (т.е. анти-авантурите) на Мајкл Дормен, шпион на САД (U.S. intelligence officer) кој работи малку надвор од формалните рамки на системот, а под надзор на татко му кој е висок функционер во безбедносните служби. Режисерот, Стив Конрад, всушност ни претставува оригинален приказ на егзистенцијална драма со меѓународна шпионажа и еден од начините на кој САД се меша во внатрешните работи на другите држави.

Во случајов, како САД се обидува да влијае на изборите во Иран со цел да победи кандидатот кој се залага за прекин на нуклеарното вооружување на Иран. Но се’ тргнува наопаку кога парите кои треба да завршат за финансирање на кампањата на кандидатот кој го поддржува САД исчезнуваат, односно завршуваат во рацете на погрешниот кандидат.

Целата серија е исполнета со оригинални елементи – пример, Дормен истовремено си свири кантри на гитара, а текстовите на песните се всушност приказни за неговите авантури кои се строго доверливи државни тајни. Како целина серијата успеа да истурка добра приказна до самиот крај вклучително и крајот. Ако има некоја суптилна скриена порака тоа би било обид за одговор на прашањето што значи да си „патриот“ – безусловна љубов (?) кон државата, и во случајов, кон таткото како можеби симболично олицетворение на Државата како најстрог авторитет.

Патриот е серија која ми ја препорачаа и дефинитивно вреди да се изгледа. Јака 4ка (од 1-5).

Претходна статијаGalaxy Buds+: Променете го начинот на којшто го доживувате звукот
Следна статијаПрезентација на Европски навики за плаќање во 2019 година
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.