Пред неколку дена имав прилика да го погледнам „Осумте на Оушн“ во кино (не прашувајте како и зошто). Бев скептичен пред да влезам во кино салата. И со добра причина – општиот консензус околу овој филм беше дека се работи за разводнета верзија на претходната трилогија, само наместо Бред Пит и Џорџ Клуни, ги имаме Сандра Булок и Кејт Бланшет.

Дополнително, кога го погледнав првиот трејлер, имав чувство дека филмот е снимен само за да  „докаже“ дека еден холивудски блокбастер (или холивудска франшиза) може да биде предводен од исклучиво женски кастинг.

Инутицијата за тоа каков впечаток ќе ми остави еден филм ретко ме разочарува. Така беше и овој пат. Ако морам да го опишам „Осумте на Оушн“ со еден збор, тој збор би бил „онака“.

Сепак, претходно треба да спомнам дека филмот на моменти знае да биде интересен. Но тоа и не  е некој голем комплимент со оглед на одличниот кастинг и водството на Стивен Содерберг, кој ја создаде успешната формула со претходната трилогија.

Главното дејство се врти околу ликот на Сандра Булок, која ја има улогата на Деби Оушн, сестрата на Дени Оушн (претходно толкуван од Џорџ Клуни). По отслужување на нејзината затворска казна, таа се здружува со Лу (Кејт Бланшет) со цел да го извршат најголемиот грабеж на накит во историјата.

Сандра Булок и Кејт Бланшет се одлични во своите улоги (и во сите други филмски улоги). Но, и останатите не разочаруваат. Хелена Бонам Картер и Ен Хетавеј се особено одлични во своите улоги.

Филмот се движи со брзо темпо, што на моменти ги замачкува и неговите мани. Она што најмногу ме иритираше во овој филм е тоа што е идентична копија на „Единаесетмината на Оушн“. Од начинот на кој се однесуваат и зборуваат главните ликови, до начинот на кој е извршен грабежот, се до редоследот на сцените и флешбековите. Едноставно овој филм не поседуваше ништо оригинално освен тоа што сите машки ликови се заменети со женски.

Целиот впечаток ми е дека филмот е направен исклучиво со таа цел, без да се посвети значајно внимание на сценариото и на приказната.

Во секој случај, не се осудувајте да ги дадете своите добро заработени пари да го гледате овој филм во кино. Се жртвував за вие да не мора да ја правите истата жртва.

Претходна статијаUber возачот на автономното возило кое прегази пешак гледал Hulu за време на возењето
Следна статијаНов патент од Samsung покажува што може да се очекува од идните Galaxy уреди