Project Silica е името на проектот на кој работи Microsoft Research кој треба да овозможи поевтино и подолготрајно решение за зачувување на податоци од разни видови. Според тврдењата, решението на кое работат може да ги чува податоците повеќе од 1000 години, без тие да го изгубат својот квалитет, како и без медиумот да се оштети.

Медиумот за којшто се работи во основа е стакло, поточно кварц стакло кое е составено од силициум, во основа една од главните состојки на кварцот.

Стаклото кое го имаат направено е со големина од подметнувач за чаши, како што се истакнува, односно е со големина од 75 на 75 на 2 милиметри. На ова стакло како тест и во соработка со Warner Bros е зачуван целиот Superman филм, а содржината која била зачувана, повторно било возможно да биде прочитана.

Начинот на којшто се запишува и чита содржината на стаклото е интересна. Се користи ласер и вештачка интелигенција. Ласерот ја запишува содржината на стаклото преку правење на тридимензионални слоеви составени од нано решетки и деформации на стаклото на различни длабочини и агли. Алгоритмите на машинското учење потоа ја читаат содржината преку декодирање на сликите и шемите кои се креираат додека поларизирана светлина поминува низ стаклото.

Од Microsoft истакнуваат дека стаклото може да издржи варење во топла вода, печење во рерна, во микробранова печка, потопување во вода и слично, без да биде оштетено, односно да се изгуби содржината која е запишана на него.

Ова стакло како медиум за чување на податоци, не се замислува да се користи од страна на обичните корисници. Тоа е повеќе замислено како замена на моментално достапните медиуми за долгорочно чување на податоците, како на пример на серверите на Microsoft за корисниците на Azure и слично.

Затоа е и соработката со Warner Bros, кои бараат начин како да ги зачуваат сите нивни филмови на начин кој ќе биде поевтин, но и значително побезбеден и долгорочен.

ИЗВОРThe Verge
Претходна статијаНова образовна групација влегува на Македонскиот пазар
Следна статијаMicrosoft ја најави финалната верзија од Edge за 15 јануари и го претстави новото лого на прелистувачот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.