Во одредени периоди од годината интересот за читање книги ми е доста зголемен. Таков ми е месецов, при што читам неколку книги, зависно од тоа што ми е интересно во моментот. Не е ништо ново да се каже дека читањето е корисно. Според Џорџ РР Мартин, оној што не чита живее само еден живот, додека оној што чита живее илјада животи. Ворен Бафет чита стотици страници дневно, слично како и неговиот ментор Чарли Мангер.

Навал Равикант има интересна обсервација за читањето. Тој вели дека повеќе не чита за да ја заврши книгата, туку за да ја задоволи својата „интелектуална љубопитност“. Тој не ни ги завршува повеќето книги што ги чита, само ги прелистува. Според него, подобро е да ги прочиташ по втор пат најдобрите 100 книги некогаш напишани отколку да се трудиш да прочиташ што повеќе книги секоја година.

Нема да се обидам да одговорам кој пристап е правилен. Ако нешто може да заклучиме од размислувањата на овие генијалци, тоа е дека книга во рака е добра навика да се стекне и негува.

Книгите на кои јас сум фокусиран деновиве се следниве.

Everything is F*cked: A Book About Hope. Марк Менсон е автор на една од најпродаваните книги за себе-подобрување, Субтилната уметноста на недавањето еб*ж (или алтернативниот наслов, Е, баш ме заболе!). Неговиот блог има милионска читаност. Веќе е во фаза на кариерата каде што се што ќе напише станува настан и е нешто што мора да се прочита. Тешко е да се проследи книга како што е неговото прваче. Но, судејќи по првите 20-30 страници, и втората му е полна со работи од кои човек може да се инспирира, мотивира и научи нешто ново што ќе му помогне во животот.

Relentless: From Good to Great to Unstoppable. Тим Гровер, авторот на книгата, е поранешен тренер на Мајкл Џордан и Коби Брајант како и на многу други професионални спортисти од светска класа. Книгата е претежно наменета да мотивира. Односно, таа е одличен удар во задницата за секој што се мачи да постигне некоја цел во животот (слабеење, почнување бизнис итн.). Ако сте мрзливи во некоја област, добри се шансите дека ќе престанете да бидете откако ќе ја прочитате оваа книга. Вреди да се чита само заради анегдотите поврзани со Џордан и Коби.

Shoe Dog: A Memoir by the Creator of Nike. Како што открива насловот, Shoe Dog е биографија на човекот (Phil Knight) заслужен за тоа што можеш да носиш Најк патики на стопалата. Фасцинантно е да се чита како едно патување во Јапонија (во шеесетите години од минатиот век) драстично му го има сменето животот.

Толку засега. Ако се прашувате каде може да ги најдете овие книги покрај на горните линкови, можете да го сторите тоа ОВДЕ.

Претходна статијаДетали за YouTube видеото кое се гледа ќе се прикажуваат на лентата за звук во Windows 10
Следна статијаПретставена жири комисијата за наградите “SoMo Borac 2019“ и започнат процесот за пријавување