Иако новите SSD дискови функционираат поразлично од HDD дисковите, сепак податоците од било кој вид на уред за податоци може да бидат вратени назад. Поради ова, доколку имате компјутер кој сакате да го продадете или да го дадете на некој, препорачливо е да го избришете на начин кој ќе овозможи заштита на вашите стари податоци.

За разлика од порано, Windows 10 и Windows 11 овозможуваат лесно „форматирање“ на компјутерот со додатна можност за „чистење“ на дискот. Како и стандардното бришење на компјутерот, така и со оваа можност, Windows се инсталира повторно, па компјутерот може да се продаде во неговата основна форма како кога бил купен.

Со овој начин на бришење на дискот се брише тој на којшто е инсталиран Windows, додека за другите дискови, како и USB „стикчиња“, може да се користи познатата „Format“ можност и „отчекирање“ на опцијата „Quick Format“.

За да го започнете процесот на бришење и реинсталација на Windows, треба да отидете во делот Recovery до кој се доаѓа преку Settings > Update & Security во Windows 10, односно System делот во Windows 11.

Во овој дел треба да се избере можноста Reset this PC во Windows 10, па Get started, односно Reset PC во Windows 11.

На првиот прозор којшто ќе се отвори треба да се избере можноста Remove Everything, а во наредната се избира од каде ќе биде реинсталиран Windows, од дискот или преку „облакот“. Освен ако во моментот немате интернет конекција или мал месечен сообраќај, препорачуваме да ја изберете можноста Cloud download, која ќе ја симне најновата достапна верзија од Windows со сите надградби.

Наредниот дел е клучен за безбедно бришење на податоците од компјутерот. Потребно е да изберете Change settings, каде е достапна дополнителната можност Clean data. Ова треба да се избере и да се промени во Yes.

После ова, Windows ќе започне со бришење на дискот и реинсталација на системот, по што компјутерот се смета за сигурен за продажба без можност од враќање на претходните податоци.

Напомена: Не го започнувајте овој процес доколку вашите важни податоци, како слики, видеа, документи и слично, не се зачувани на друго место, односно надворешен диск, OneDrive (Dropbox и слични).

Претходна статијаHonda го прикажа својот прв електричен SUV кој ќе се продава од 2024 година
Следна статијаНова генерација УЛТРА горива, со Dual Action Technology
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.