Vivo е кинески бренд кој е еден од најпознатите во земјата, но и во светот. Редовно ги следиме моделите кои ги претставуваат од компанијата и ни беше криво што немаме шанса да ги пробаме некои од нив.

Со влегувањето на vivo на македонскиот пазар, оваа ситуација се менува, па сега и нашите корисници можат да станат сопственици на одличните телефони од брендот.

Од компанијата, кои на нашиот пазар официјално влегоа во мај, истакнаа дека ќе почнат со продажба на уреди од средната класа, но до крајот на годината ќе ги видиме и тие од високата класа.

Vivo Y76 5G – првиот модел од компанијата кој го имаме на тест

Телефонот доаѓа со 6,58 инчен екран, одлична средина би рекле, односно не е мал, но не е како голем дел од конкурентите од оваа класа, доволно голем за да им претставува проблем на некои корисници.

Резолуцијата е 2408 на 1080 пиксели и нивна густина од 401 пиксел на инч. Ова е доволно за да не може да се забележат пикселите при користење, нешто што и не се очекува од уредите претставени овие години.

Очекувано за уред од средната класа, екранот е IPS LCD и овозможува светлина од 460 nits.

Vivo Y76 5G работи на Dimensity 700 чипот од MediaTek, кој доаѓа со осум јадрен процесор изработен во 7nm технологија и Mali-G57 графичкиот процесор.

Меморијата на уредот е одлична, односно има 8GB RAM, како и 128GB простор за податоци.

На задната страна од телефонот има три камери, односно главната со 50 мегапиксели сензор и одличен f/1.8, камера за сликање од блиску со 2 мегапиксели и уште една камера со 2 мегапиксели која се користи за одредување на оддалеченоста на објектите што се сликаат.

На предната страна е поставена камера со 16 мегапиксели и можност за снимање во Full HD резолуција.

Батеријата на телефонот има капацитет од 4100 mAh и се полни брзо со 44W полнач, што е побрзо од повеќето телефони од високата класа.

Дизајн и квалитет на изработка

Не можеме да кажеме дека дизајнот на Y76 5G нешто посебно се истакнува, тој е стандарден за својата класа, но сепак има свои мали посебности. Телефонот е лесен и одличен во раката, а за тоа придонесува и пластиката од која е изработен.

Посебно се истакнува исечокот за предната камера кој е направен во форма на „солза“, а нас посебно ни се допаѓаат вакви исечоци, па штета е што почесто не се користат.

На долната страна, покрај влезот за полнење, достапен е и приклучок за слушалки, а ова е и една од предностите на овие класи кои уште практикуваат вакво нешто.

SIM картичката се внесува во горниот дел од телефонот, а остатокот од страните е прилично „чист“, а копчињата кои се поставени на десната страна се доволно дискретни.

Во копчето за отклучување е вграден сензор за отпечатоци, а копчето е поставено доволно ниско за да доаѓа точно на позиција како што се држи телефонот. Тоа значи дека нема потреба од многу поместување на раката за да се отклучи телефонот, па ова доста додава за доброто корисничко искуство на телефонот.

Бојата на телефонот е нијанса на зелена наречена „Cosmic Aurora“, а со поместување на уредот, се менува и малку нијансата на бојата. Кратко кажано, одлично изгледа и додава доза на интересност кај обично стандардните задни страни на телефоните.

Модулот за камерите е поставен на левата страна, во правоаголна форма, а дел од него доаѓа со бојата од уредот. Одлично се вклопува во изгледот и му дава посебен стил на телефонот.

Софтвер и неколку посебно корисни функции

Vivo Y76 5G доаѓа со Android 11, односно со Funtouch OS 12. Доброто кај овој „скин“ од vivo е што е направен доста блиску со основниот Android, па корисниците добиваат чист оперативен систем во главно како што Google го има замислено.

Тоа сепак не значи дека vivo не додава одредени свои функции, па телефонот има и мали интересни додатоци кои го прават користењето понапредно. Два дела од Settings ги издвојуваме како доста корисни и препорачуваме корисниците да ги прилагодат според нивните потреби и желби, а со тоа ќе го направат својот Y76 5G посебен.

Првиот дел е Dynamic Effects и во овој дел може да се изберат работи како анимација при добивање на повици и известувања, анимации при отклучување на уредот, анимации кога се полни уредот, анимации кога ќе се вклучи кабелот и слично.

Вториот дел, Shortcuts & Accessibility е повеќе поврзан со користењето на телефонот, па за разлика од изборот на анимации во првиот дел, тука може да се изберат работи како повлекување со три прсти надолу за правење слика од екранот, повлекување со три прсти нагоре за влегување во режим на поделен екран на два дела, гестикулации на екранот за одредени активности и слично.

Во овој дел посебно сакаме да ја издвоиме Easy Touch функцијата која додава мало „крукче“ на екранот. Ова крукче останува дискретно скриено на страната за да не смета при користење на телефонот, а со негово притискање се отвора посебно мени каде може да се стават апликации и одредени команди. Ова е доста корисна функција која има доста можности за прилагодување, а може да се намести со притискање да се отвори посебна апликација, може да се намести одредена команда со притискање два пати, со држење притиснато и слично.

Vivo Y76 5G посебно внимание има дадено на прилагодувањето на изгледот, па за повеќето од функциите кои ги издвоивме, има избор од повеќе бои, анимации, теми и слично, па телефонот може да се направи да биде навистина уникатен.

Перформанси и секојдневно користење

Првата работа која се истакнува кога е во прашање работата на уредот е батеријата и полнењето. Vivo Y76 5G доаѓа со батерија со капацитет од 4.100mAh и полнач до 44W. Со овој полнач за половина час може да се наполнат 70% од батеријата, што значи дека нема ситуација во која ќе ви фали батерија, освен ако не сте од оние корисници кои уште мислат дека телефонот мора да се остави до скоро 0% пред да се полни.

Телефонот може да го издржи два дена без полнење без проблем, а уште поважно батеријата доста добро држи и при поголемо користење во текот на денот. Ова е доста важно кога сте излезени некаде, па немате полнач во близина, а некои телефони знаат доста брзо да стигнат до 20-30%, нешто што не остава удобно чувство за продолжување со користење на телефонот.

Што се однесува до самите перформанси, односно работата на телефонот, тие се како што би се очекувало за оваа класа. Иако не може да се очекува брзината на работа како неколку пати поскап уред, сепак немаме некоја посебна забелешка. Секоја активност се извршува брзо, анимациите се добро направени, а тие може и да се прилагодат според желбите на корисникот.

Посебно бевме задоволни со брзината на инсталирање на апликациите, брзината на отворање на камерата и сликање, нешто што посебно влијае на доброто корисничко искуство.

Сензорот за отпечатоци на прстите, кој е поставен на копчето за отклучување, функционира одлично. Брзината на отклучување е доволно брза и не се ни забележува дека телефонот треба да се отклучи. Ова прави голема разлика за корисничкото искуство, а поставеноста на копчето за отклучување, ја прави оваа активност уште подобра поради немањето потреба да се поместува прстот. Копчето е така поставено да палецот веќе е поставен на него или во близина.

Камера

Во денешно време може слободно да се каже дека квалитетот на сликите кои ги прави еден телефон е најверојатно најважната работа за корисниците. Веќе не се ни гледа до толку дали телефонот има повеќе или помалку мегапиксели, па крајната слика е тоа кое треба да се покаже како што треба.

Vivo има одличен алгоритам кој вади слики со одлична боја и контраст, па повеќето слики кои ќе ги направите нема да има потреба да ги прилагодувате во некоја апликација.

Тоа што посебно се истакнува кај vivo Y76 5G е делот за снимање на видео. Квалитетот на видеа кои се снимаат со овој телефон се одлични, меѓу другото и поради одличната стабилизација на сликата. Оваа функција кај телефонот е доволно добра да нема потреба од користење на додатна опрема ако често снимате.

Покрај ова, софтверот за измена на видеата овозможува скоро професионални можности со кои видеото целосно ќе може да се преработи на телефонот со додавање на повеќе видеа, звук и ефекти.

Vivo со Y76 5G сака да им овозможи на корисниците кои снимаат видео блогови одлична алатка со овој телефон, па со одличната Dual View функција на камерата можете да снимате од задната и предната камера во исто време. На овој начин може да снимите од оние видеа каде се гледате додека објаснувате, а во исто време прикажувате и нешто друго.

Заклучок

Иако имавме доста позитивно мислење за vivo уште пред да го пробаме првиот телефонот од овој бренд, сепак бевме позитивно изненадени од користењето на Y76 5G. Телефонот е одлично изработен, овозможува доста функции од страна на софтверот, прави одлични слики и е посебно погоден за корисниците кои сликаат често.

Без размислување го препорачуваме овој телефон на сите кои сакаат да пробаат нешто ново од средната класа од брендот за кој во главно досега можевме само да читаме.

ПРЕГЛЕД НА ОЦЕНКАТА
Дизајн
Изработка и квалитет
Перформанси
Камера
Претходна статијаЕлеганција, функционалност, моќ – новата серија на Samsung Galaxy S22 ќе ви го одземе здивот
Следна статијаNetflix го избра Microsoft како партнер за поевтината претплата со реклами
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.
recenzija-vivo-y76-5g-najnoviot-igrac-na-makedonskiot-pazar-ima-sto-da-ponudiОдличен телефон од средната класа кој ќе им се допадна на повеќето корисници кои добиваат уште еден избор на нашиот пазар.