Се’ уште се привикнувам да го гледам Џим (Џон Красински) од „Канцеларијата“ во акциони трилери каде што ја има улогата на „херојот“. Но, судејќи според неговиот успех во овие улоги, изгледа дека ќе морам. Последниот негов филм (кој што исто така е во негова режија) е хорор филм.

Вообичаено не сум голем љубител на хорор филмови. Меѓутоа, уживав гледајќи го Тивко место. Не се работи за класичен хорор филм какви што се појавуваат во последно време (Conjuring, Insidious), туку за фамилија која се обидува да преживува во екстремно опасни околности.

Земјата се наоѓа во хаос и пустош. Луѓето се во засолниште, и не смеат да пуштаат никакви звуци ако сакаат да преживеат. Наоколу демнеат монструми (кои личат на рептили, но не се знае нивното потекло) кои се слепи, но имаат ултра-сензитивен слух и реагираат дури и на најмалата врева.

Фамилијата Абот се наоѓа во мало гратче каде што се чини дека тие се единствените преживеани луѓе. Тие се навикнати на ужасната ситуација во која се наоѓаат, и имаат создадено навики кои им овозможиле да преживеат.

Филмот се фокусира на нивната борба за опстанок, соочувајќи се со секакви секакви предизвици по пат (како на пр. бременост). Но, не очекувајте големи акциони сцени или налудничави научници кои го бараат оружјето кое ќе го спаси човештвото. Филмот е едноставен, на секој можен добар начин.

Атмосферата и тензијата во текот на филмот се брутални. Дури и како гледач, се фатив себеси на неколку наврати како го задржувам здивот или се обидувам да не испуштам никаков звук.

Красински не се фокусира премногу на чудовиштата и тие не се појавуваат во премногу сцени. Наместо тоа, се фокусира на тоа како фамилијата реагира на секоја неволја, и се обидува да преживее. Дел од ова се и неколку трогателни и изненадувачки сцени, кои го прават филмот побогат.

Џон Красински одамна излезе од сенката на „Џим“. Очигледно го чека долга кариера, како глумец но и како режисер. Единствено ми е жал што пропуштив да го гледам во кино, но и домашна атмосфера одлично заврши работа.

Претходна статијаНова македонска апликација што ви овозможува вести и информации од проверени извори
Следна статијаДали нашите смартфони не слушаат додека разговараме до нив? – една универзитетска студија заклучува дека не