IMG_0030

Nexus 7 таблетите за првпат се појавија на пазарот во Јули 2012 година и веднаш се здобија со огромна популарност кај корисниците заради одличната комбинација на цена/перформанси. Година дена подоцна Google го претстави новиот Nexus 7 таблет, кој содржи голем број подобрувања во однос на својот претходник.

Во SmartPortal имавме можност да го користиме новиот Nexus 7 и во следната рецензија детално ќе ви го пренесеме нашето искуство со таблетот.

Пакување

Новиот Nexus 7 доаѓа во сино пакување, за разлика од сивиот дизајн на претходниот модел. На предната страна е испечатена слика од таблетот покрај логото на Google. На задната страна е испишан моделот, во нашиот случај со 32 гигабајти  вградена флеш меморија и Wi-Fi, додека 3G логото не е присутно затоа што нашиот модел нема 3G поддршка. Од страните е испишано логото на ASUS кој воедно е производител и на овој модел.

Со извлекување на опаковката се стигнува до внатрешната кутија која е целосно бела со дискретно лого на Google во сива боја на горниот капак и адресата на ASUS на долниот дел од кутијата.

Внатре во кутијата се наоѓа Nexus 7 таблетот замотан во заштитна фолија. Со негово вадење добивате пристап до уште едно помало капаче под кое што се сместени стандардните книгички со информации за гаранција, заштита и кратки упатства. Во пакувањето исто така се наоѓаат адаптерот за струја и USB кабел кој се конектира на адаптерот.

Дизајн

Она што веднаш се забележува кога првпат ќе го земете новиот Nexus 7 во раце е дека е потенок и направен од различен материјал на задната страна. Друго што се забележува е отсуството на сребрената рамка околу страните. Новиот Nexus 7 исто така е повисок и потесен од својот претходник, со димензии од 200 x 114 x 8.7 mm наспроти старите 198.5 x 120 x 10.5 mm. Задната страна е направена од материјал со мек допир и ги нема старите мали дупчиња кои беа на целиот материјал. Материјалот остава многу добар осет при држење, а исто така е направен да воопшто или многу малку се познаваат отисоци од прсти. На задната страна со големи букви е испишано логото на Nexus, како и логото на Asus со помали. Распоредот на приклучоците и копчињата е во главно ист, со тоа што приклучокот за слушалки е преместен од долната страна, на горната страна на уредот. Копчињата се направени повеќе да се вклопат во дизајнот, па можно е додека се привикнете да имате мал проблем со притискање на истите. Новиот Nexus 7 е исто така полесен од претходниот за 50 грама, односно тежи 290 грама. На задната долна страна се наоѓаат два помали звучници и еден поголем на горната задна страна. Стариот модел имаше само еден поголем звучник на долната задна страна. Исто така на задната страна сега се наоѓа и камера која што не беше дел од претходниот модел.

 

Спецификации

Nexus 7 2013 доаѓа со нов Quad-core 1.5GHz Qualcomm Snapdragon S4 Pro процесор, Adreno 320 графички процесор и 2GB RAM меморија. Има многу подобар екран со Full HD резолуција 1920 x 1200 и 323 ppi густина на пикселите, наспроти 216-те на постариот модел. Стариот модел имаше само предна камера со 1,2 мегапиксели, додека во новиот покрај истата предна камера има  задна камера со 5 мегапиксели и можност за снимање на видео во 1080p резолиција со 30fps. Nexus 7 2013 доаѓа со најновата верзија на Android, 4.3 Jelly Bean. Целосниот список на спецификации кои се дел од новиот Nexus 7 се:

Димензии200 x 114 x 8.7 mm
Тежина290 g (Wi-Fi), 299 g (LTE)
ЕкранLED-backlit IPS LCD capacitive екран на допир со 16M бои
1200 x 1920 пиксели 7.0 инчи 323ppi
Мултидопир до 10 прсти
Corning Gorilla Glass
Меморија 16 и 32 GB, без слот за картичка
2 GB RAM
КонектибилностGPRS, EDGE, HSPA+, LTE, Wi-Fi 802.11 a/b/g/n dual-band, Bluetooth 4.0, NFC, microUSB
Камера5 MP, 2592х1944 пиксели со автоматско фокусирање, географско означување, фокусирање со допир, детектирање на лице, 1080p@30fps видео снимање, 1,2 MP предна камера
Оперативен систем Android OS 4.3 Jelly Bean
ЧипсетQualcomm Snapdragon S4Pro
ПроцесорQuad-core 1.5 GHz Krait
Графички процесорAdreno 320
СензориАкселерометар, жироскоп, сензор за блискост

 

Перформанси

Кога станува збор за перформансите на новиот Nexus 7, доволно е да ги погледнеме спецификациите за да заклучиме дека се работи за прилично моќен таблет. Веќе ги споменавме подобрувањата во однос на неговиот претходник, а сега ќе ги прикажеме и со бројки за да се добие пореална претстава за разликата помеѓу двата таблета. За таа цел се послуживме со неколку популарни синтетички тестови.

1.      AnTuTu

AnTuTu е алатка која ги тестира процесорот, меморијата, графичките перформанси и брзината на запис на податоци. Резултатите се конзистентни, споредливи и даваат добра претстава за all-around перформансите на тестираниот уред.

antutu results n7

Во овој тест со новиот Nexus 7 оствари резултат од 20258 поени, наспроти 14262 поени кај минатогодишниот модел, односно 42% повеќе.

2.      Quadrant

Quadrant е уште еден синтетички бенчмарк, кој како и AnTuTu ги тестира перформансите од повеќе аспекти.

quadrant results n7

Новиот Nexus 7 регистрираше 4756 поени во Quadrant тестот, 1037 повеќе во однос на стариот Nexus 7 што претставува за скоро 28% подобри перформанси. Разликата иако не е толку очигледна како во претходниот тест, сепак е прилично голема.

3.      3DMark

За да ја тестираме разликата во графичките перформанси го избравме 3DMark. Овој популарен софтвер веќе со години се користи за споредување на перформансите помеѓу различните графички карти кај десктоп компјутерите, а од скоро новата верзија стана достапна и на Android.

3dmark results n7

3DMark ја покажа најголемата разлика помеѓу двата таблети. Новиот Nexus 7 постигна импресивни 9883 поени, наспроти само 3537 поени на својот претходник. Искажано во проценти, тоа се цели 180% подобри перформанси.

 

 

Претходна статијаAMD ја најави новата серија на графички карти
Следна статијаFacebook ќе прикажува помалку од рекламите кои не ви се допаѓаат
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.