Ѕирнете под македонските водопади: Летно нуркање со издржливиот „Galaxy S9“ на „Самсунг“ (видео)

Текст, фото и видео: Тоше Огњанов / Видео снимките и фотографиите се направени со Galaxy S9

Во екот на летните горештини, најдобар начин да се разладите, покрај одењето на море, е да се посетат планинските реки и водопадите што го сочинуваат нашето природно богатство. За дел од тие водопади е потребна добра физичка подготовка, зашто во некои случаи се неопходни и часови пешачење по стрмен терен. Сепак, убавината што на крај се открива е непроценлива.

Во текот на летните месеци тргнавме на две планинарски тури, едната пократка, а втората подолга. Првата беше до водопадот Дуф, во близина на реканското село Ростуше. Втората, пак, што бараше посериозен напор, беше до изворите на реката Бабуна, во месноста Азот.

КРИСТАЛНИ ПОДВОДНИ СНИМКИ

Една од целите на тие планинарења беше да се провери издржливоста на мобилниот телефон „Галлакси С9“ (Galaxy S9) на гигантот „Самсунг“. Планот ни беше да го нурнеме телефонот под силните и студени водопади и да видиме дали и колку ќе работи во такви екстремни услови.

Како што можеше и да се очекува, и под водопадот Дуф, како и под водопадот кај изворите на реката Бабуна, телефонот не откажа во ниту еден момент. Додека другите посетители се фотографираа со водопадите, со нашиот уред влеговме под површината на студената вода.

Од снимките што ги направивме може да се види што се случува под водената површина кога планинските речни брзаци паѓаат од голема висина во малите вдлабнати вирови, создадени меѓу тешки камења и карпи. Се чини дека камерата на телефонот вади многу појасни снимки кога е под вода.

Единствено што реагира е отворот за микрофонот, кој бргу се полни со вода, па звукот што се добива на снимката е пригушен. Но, нема место за паничење. Производителот предвидел дека таму ќе влезе вода, но нема да допре до деловите од уредот што не смеат да бидат натопени. За кусо време откако ќе се исуши, микрофонот продолжува да работи беспрекорно, вадејќи јасен звук од околината.

СЕКОЈА КАПКА ВИДЛИВА ВО SUPER SLOW MOTION

Планинарењето кон водопадите го искористивме за да ја тестираме и една од поспецифичните одлики на камерата. Тоа е можноста за снимање во ултра забавен мод. Брзите водопади се покажаа како идеално место да се увиди ефектот од снимањето во super slow motion.

Во реално време, снимањето во забавениот режим на работа изнесува вкупно една секунда. Но, кога таа една секунда ќе се подели на 960 фрејмови се добива снимка што трае доволно долго за добро да се види како секоја капка вода се распрскува од карпите.

Со super slow motion снимавме на водопадот Дуф, на Колешинскот водопад, како и на брзаците што се формираат кај бучните извори на реката Бабуна.

Мобилниот телефон и покрај својата неколкудневна водена и подводна авантура ниту еднаш не покажа знаци на откажување. Поголемата мака ја имавме ние, зашто моравме со голи раце да го спуштаме во вода, чија температура беше само неколку степени над нулата.

Уредот и натаму работи беспрекорно, гребаници речиси и да нема и после неколкумесечно тестирање. Единствено што се забележува е правот што се нафатил на рабовите околу камерата и околу командните копчиња.

СПЕЦИФИКАЦИИ ЗА GALAXY S9

Задната камера на телефонот со која беа вршени тестирањата има сензор од 12 мегапискели, со можност авто фокус. Сензорот создава фотографии со пропорции 4:3, при што има два мода на отворот на блендата: F1.5 и F2.4.

Главна одлика на камерата, покрај можноста за подводно снимање, е креирање снимки со ултра HD квалитет, односно во 4К и тоа и до 60 фрејмови во секунда, со што воедно се овозможува креирање забавени снимки со солиден квалитет.

Камерата има опција за дигитална видео стабилизација. Сепак, таа не работи при ултра HD снимање. За објекти во движење, пак, постои опцијата за 3Д следење и фокусирање на објектите.

НАПОМЕНА

Надворешната заштита на Galaxy S9 е оцената со ознака IP68, што значи највисок степен на заштита од вода и прав кога станува збор за мобилни уреди.

Сепак подводното снимање со уредот не е препорачливо да се изведува на длабочина поголема од метар и половина и да не се задржува повеќе од половина час. Исто така, уредот не треба да се потопува во солена и во јонизирана вода.

Претходна статијаHuawei P20 Pro прогласен од EISA за „Најдобар паметен телефон на годината”
Следна статијаЛетно возење во малку поинакви услови