Mate 20 Pro – Телефон којшто го носи Huawei кон врвот

Одличен дизајн, предобар екран и четири камери на задната страна за подобри слики

Телефон којшто беше претставен при крајот на минатата година. Колку често веќе се претставуваат нови модели, некој веќе може да си помисли дека пишуваме за „постар“ модел, но тоа сигурно не е случајот, а корисниците на Huawei Mate 20 Pro тоа го знаат добро.

Уредот којшто го користевме неколку недели нас ни покажа дека ќе нема проблем да ја „доврши“ годината, рамо до рамо со конкурентите, како и со новите модели од Huawei.

Да биде јасно уште на почетокот од оваа статија, Mate 20 Pro е телефон којшто може и и’ конкурира на Note серијата од Samsung, а зависно од вашиот вкус и потреби, може и да е подобар избор.

Посебно се истакнува екранот којшто сега доаѓа со заобленост на страните, отстранувајќи ги со тоа рамките, овозможувајќи му на Mate 20 Pro да биде скоро целосно направен од екран на предната страна. Во тоа му помага исечокот на горниот дел, кој иако не е од помалите кои сме ги виделе, сепак остава доволно простор од страните за прикажување на информации.

Дизајн и екран

Првата работа која ја забележав кога за првпат го користев овој телефон е колку тој остава квалитетен и цврст впечаток. Тежината е доволно голема за да се добие овој впечаток, но не премногу за да се добие тежок уред.

Huawei веќе се проби на пазарот којшто беше доминиран од 2-3 компании и сега веќе ги нуди едни од најдобрите уреди на пазарот, а Mate 20 Pro дефинитивно е еден од нив.

Телефонот е стандардно за ова време изработен од стакло на предната и задната страна, додека рамките се направени од алуминиум. Поставеноста на трите камери на задната страна се направени така да му даваат посебен „шмек“ на изгледот на телефонот, а мене лично многу ми се допаѓа.

На изгледот додава и тоа што на задната страна веќе нема сензор за отпечатоци, а сега тој е сместен под екранот. Нашето тестирање покажа дека отклучувањето на уредот со овој сензор е навистина брзо и лесно, а нема многу време да помине додека не ви стане навика.

Huawei веќе неколку модели се познати по боите кои ги нудат како избор на своите телефони. Тие не се црни или сиви како што е често случајот со конкуренцијата, па кога на тоа ќе се додаде прелевањето на нијанси, телефонот изгледа одлично, без разлика за која боја ќе се решите.

На корисничкото искуство додава многу, иако е мала „ситница“, поставеноста на копчето за отклучување и заклучување на уредот. Тоа се наоѓа доволно спрема средината за да е баш на дофат на палецот, а без разлика каква е вашата рака. Мене лично ова ми прави голема разлика, па заедно со сензорот за отпечатоци кој е поставен под екранот, движењата на раката низ уредот се минимални со Mate 20 Pro.

Екранот на Mate 20 Pro е еден од подобрите којшто ги имам видено. Единствен начин да се опише тоа е чувството дека не сакате да престанете да го гледате екранот и се што се прикажува на него. На тоа секако додава и високата резолуција која иако се тврди дека над одредена големина не може да се забележи, сепак прави разлика за окото.

Huawei Mate 20 Pro доаѓа со 6,39 инчен OLED екран со резолуција од 3120 на 1440 пиксели и нивна густина од 538 пиксели на инч. Сигурно штом прочитавте дека екранот е изработен во OLED технологијата ви стана јасно дека навистина се работи за еден од најдобрите екрани на пазарот.

Поддршката за HDR содржина овозможува да гледањето на Netflix, на пример, биде посебно искуство и преку мобилниот телефон, како и на начин како што е замислен од страна на тие што го имаат направено филмот.

На долната страна ќе забележите дека Mate 20 Pro нема приклучок за слушалки, но тоа јас би рекол дека не е некој проблем. На пазарот се достапни безжични слушалки кои од кога првпат ги пробав, веќе не можам да замислам да користам слушалки со кабел, иако некои корисници сакаат да носат доста поквалитетни слушалки, а тоа не може да се постигне со тие кои се ставаат во увото.

Карактеристики, перформанси и камера

Една од поголемите предности на Huawei е тоа што тие развиваат сопствен процесор којшто се покажа како одлична алтернатива на пазарот. Kirin 980 е процесорот на којшто работи Mate 20 Pro, изработен во 7 nm технологија, многу лесно може да им конкурира и на процесорите кои се наменети и се вградуваат оваа година.

Процесорот им осум јадра, од кои две се за поголеми перформанси, а останатите прават комбинација за подобра заштеда на енергија.

Huawei Mate 20 Pro доаѓа со 6 GB РАМ, како и 128 GB простор за податоци кој може да биде проширен со картичка.

Батеријата е со капацитет од 4.200 mAh и може да се наполни до околу 70% за половина час. Капацитетот на оваа батерија е доволно голем да одредени корисници може да поминат и до два дена без да го наполнат уредот. Сепак, доколку сте активен корисник тоа тешко дека ќе биде случајот, меѓутоа Mate 20 Pro беше меѓу ретките уреди кои ги имаме користено кој успеа да го издржи целиот ден при нашето тестирање, па немаше потреба да го полниме неколку пати.

Исто како што е случајот со Samsung Galaxy S10+, Mate 20 Pro може да полни безжично други уреди, а со големата батерија од 4.200 mAh тоа сигурно може и да си го дозволи.

Оперативниот систем е во најновата верзија од Android, односно 9.0 Pie, а врз неа стандардно е поставен познатиот за Huawei, EMUI во неговата деветта верзија. На доста места може да се прочита дека EMUI е слаба точка на Huawei, меѓутоа јас не би се сложил. „Скинот“ изгледа одлично, а нуди и добри опции, а доколку некој не е задоволен, секогаш може да инсталира друг „лаунчер“ од доволно големиот избор во Play Store.

Huawei Mate 20 Pro доаѓа со три камери на задната страна и една камера на предната. Задните камери доаѓаат со сензори од 40, 20 и 8 мегапиксели од кои што вториот овозможува екстра широк агол на сликање, а последниот зумирање на сликата, како и ефекти на заматување на позадината, на пример.

Предната камера доаѓа со сензор од 24 мегапиксели и можност за снимање со HDR. Леќата не е со екстра широк агол, но сепак може да „собере“ доволно луѓе за сликање на селфи.

Квалитетот на камерата е нешто за кое никој не очекува помалку од највисока оценка кога е во прашање Huawei. Покрај вградувањето на одлични компоненти со Leica оптика, Huawei се првите кои станаа познати по користењето на вештачка интелигенција за камерите.

Mate 20 Pro одлично ги препознава сцените кои ги сликате и со тоа ги прилагодува сетинзите на камерата за добивање на најдобрата можна слика. Исто така, сликите дополнително се оптимизираат, односно се подобрува нивната боја, светлина и слично.

Сигурно може да се каже дека кога имате Huawei камерата е една од поголемите причини зошто го имате купено телефонот, а Mate 20 Pro не е исклучок од ова правило.

ПРЕГЛЕД НА ОЦЕНКАТА
Екран
Камера
Перформанси
Дизајн
Квалитет
Претходна статијаComtrade System Integration Adriatic сега е Microsoft Licensing Solution Partner во Македонија и Косово
Следна статијаУште една успешна приказна на Code App Level Up 5: Startup Edition Powered by Vip
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.
huawei-mate-20-pro-recenzijaHuawei Mate 20 Pro е еден од подобрите телефони кои ги имаме тестирано, а тоа сигурно е и очекувано кога ќе се земе во предвид класата во која се натпреварува, како и цената. Ова е уред кој иако беше претставен минатата година, сигурно уште би го препорачале, а има и време до претставувањето на наредната Mate генерација од уреди. Комбинацијата на квалитетна изработка, одличен екран и камери кои ќе ви ги овозможат едни од најдобрите слики го прават Huawei Mate 20 Pro еден од подобрите избори за корисниците кои бараат да купат уред од највисоката класа на пазарот.