Јапонската дизајнерска компанија nendo во соработка со Molten претставија фудбалска топка која е наменета за посиромашните земји. Истата треба да го реши проблемот со старите и оштетени топки кои се издишани, а и веќе доволно оштетени да не може да се користат.

Топката на nendo доаѓа „расклопена“ со вклучени дури 56 делови кои треба да се состават заедно за да ја формираат крајната употреблива топка. Дизајнот, односно начинот на склопување е инспириран од јапонските топки кои се „плетат“ од бамбусово дрво.

Материјалите, кои ги има неколку, се такви да топката при користење остава ист впечаток како обична топка, но без потреба од нејзино дување, односно тој дел го нема и е непотребен.

Од nendo истакнуваат дека доколку некој од материјалите се скрши, нема ризик дека некој може да биде повреден, а истиот може да се смени.

Деловите за составување на топката може да бидат во повеќе бои, со што од компанијата истакнуваат дека тоа може да се искористи од брендирање до заедничка работа на децата.

Топката од nendo се истакнува и за уште една предност, а тоа е помалиот трошок за транспорт. Во една кутија каде може да собере една класична топка, може да се стават многу повеќе расклопени nendo топки, односно my football kit.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.