Сите велосипедисти во Скопје, како и уште неколку градови во Македонија, сега имаат посебна мапа на која можат да ги откријат сите велосипедски патеки во нивниот град, како и уште неколку додатни информации кои би им користеле на нивната активност.
Мапата е направена како веб апликација, што значи сега за сега е достапна само преку веб прелистувач. Развиена е како непрофитен проект на група на вљубеници во велосипедизмот.
„Travelers Cycling која е направена со цел да им помогне на велосипедистите, без разлика дали го користат велосипедот професионално, за релаксација или како транспортно средство. Апликацијата постои нецела година и на неа е прикажана велосипедската мрежа во неколку градови во Македонија, од каде имаме собрано податоци. Велосипедската мрежа е поделена на неколку категории, меѓу кои се велосипедските патеки, тротоари / улици по кои е безбедно да се вози велосипед, а претставуваат конекција на две велосипедски патеки, планински (off-road) патеки итн.“ – истакнуваат од Travelers Cycling.
Покрај мрежата на велосипедски патеки, на Travelers Cycling може да се најдат и поврзани корисни информации, како што се најблискиот паркинг за велосипеди, јавни сервиси за поправка на велосипеди, како и локација на воздушни пумпи за велосипедите кои се наоѓаат на бензинските станици.
Исто така, на Travelers Cycling ќе може да се најдат и локациите на јавните фонтани/чешми, а ќе бидат прикажани и одредени пречки на велосипедски патеки.
„Со мотивирањето на луѓето, бројот на велосипедисти на улиците секојдневно би се зголемувал, а со тоа и потребата од подобрена и побројна велосипедска инфраструктура би се зголемила. Со тоа градските власти би биле приморани се повеќе да инвестираат во велосипедската инфраструктура, со што би им се овозможило полесно движење на велосипедистите.“ – истакнуваат од Travelers Cycling.
Велосипедската мапа е достапна на следниот линк https://cycling.travelers.mk/.